Даут пашин амам: “Согорување” од Ордан Петлевски

Сподели

 

На денешен ден е роден Ордан Петлевски (Прилеп, 24 август 1930 – Загреб, 22 јануари 1997), македонски сликар. Една од клучните фигури на современата македонска и хрватска ликовна уметност.
 
По дипломирањето на Академијата за применета уметност во Загреб, во 1955 година живеел во Хрватска, каде продолжил на специјализација кај хрватскиот уметник Крсто Хегедушиќ (1955-1960 година). Во тој период на два наврати заминува на краток студиски престој во Париз.
 
Од крајот на 50-тите години се вклучува во ликовниот живот во Загреб, каде што слика, илустрира книги и ги изложува своите дела.
Бил еден од иницијаторите за основање на Музејот на современа уметност во Скопје во 1963 година.
 
Одржал голем број самостојни изложби во Скопје, Сараево, Белград, Загреб и Париз. Излагал на Венециското биенале во 1964 година со тогашната загребска репрезентација со Отон Глиха, Едо Муртиќ, Златко Прица, Франо Шимуновиќ, Војин Бакиќ и Душан Џамоња.
 
Добитник е на повеќе награди, од кои би ги издвоиле поважните: 1953 година: Прво место на I интернационално биенале на младите во Париз 1960 година: „Трето Ноемвриска награда на Општина Прилеп“, за исклучителни постигнувања во областа на ликовната уметност, инспирирана од животот на градот Прилеп и неговото поднебје 1961 година: Швајцарска награда за сликарство во Лозана 1961 година: I место на југословенско триенале по ликовна уметност во Белград 1978 година: Годишна награда „Владимир Назор“.
 
Контекстуалните рамки на сликарството на Петлевски се движат од фантастиката и надреализмот до енформелот и сликарството на материја, типично со биоморфни облици на монохроматска позадина. Иако средишниот дел од творештвото на Петлевски се поврзува со енформелот, како доминантен правец во апстракцијата од 60-те години на 20 век, кај Петлевски секогаш станува збор за уникатен јазик и за „превладување на енформелот“.
 
Согорување, 1960, масло на платно, 116х74 см.
Сликата е сопственост на Националната галерија, и е дел од Постојаната поставка во Даут пашин амам.