Депонија Дрисла, претставува јавен, еколошки и здравствен проблем. Дрисла веќе 30 години функционира без да ги исполнува потребните еколошки критериуми, согласно Законот за заштита и унапредување на животната средина и Законот за менаџирање со отпад, а де не зборуваме за современите-европски стандарди. Едноставно, тука имаме една примитивна депонија, една површина или огромна дупка од 76 хектари, каде годишно се фрлаат околу 200.000 тони комунален, индустриски и медицински отпад, како и друг вид отпад со висок ризик на инфективност и канцерогеност.
Ова ја прави Депонија Дрисла една вистинска еколошка бомба, се наведува во денешното соопштение на Демократското движење. Со други зборови, тука имаме постојано опасно загадување на почвата, водата и воздухот, што е потврдено и Државниот инспекторат за животна средина. Оваа состојба постојано го загрозува и го оштетува здравјето на преку 50 илјади жители на Батинци ( на растојание од 500 метри) и другите населени места во регионот на Каршиака, населбата Драчево и пошироко. Истовремено, емитувањето на отровните гасови ( CO, SO2) кои се ослободуваат при согорување на медицинскиот отпад, влијае на високиот степен на загадување на воздухот не само во Батинци туку и во градот Скопје и пошироко.
Како последица, во овие населени места имаме зголемена стапка на заболени од канцерогени и тешки хронични респираторни заболувања, кои често се смртоносни за локалните жители.
Жителите на Батинци- општина Студеничани на место да ги осетат бенефитите кои им се ветувани на времето кога е инсталирана Депонија Дрисла- во почетокот на 90тите години, напротив нивната согласност за депонијата тогаш, ја плаќаат со здравје, дури и со живот денеска.
Да не заборавиме дека ресорот животна средина (министерството за Екологија) од 2008 година до оваа 2023 година е предводена од кадри на партијата на власт – ДУИ, кои – и покрај уставната, законската и моралната обврска – не направија ништо за да се спречи оваа еколошка катастрофа.
Голема одговорност за оваа состојба има и Градот Скопје – кој од 2012 година – преку промоција на проекти за јавно- приватно партнерство – ветуваше милионски инвестиции за модернизација на Депонијата Дрисла . Но до ден денеска, освен сериозни сомненија за милионски бизнис со отпад во Дрисла, нема ништо од тие проекти.
Ние сметаме дека долгорочно решение би било само модернизација на Депонијата Дрисла- изградба на фабрика за селектирање, обработка и рециклирање на отпад, како и систем за соодветно третирање на медицинскиот отпад и вградување на филтри за отровниот екстракт и мерна станица за мониторирање на загаденоста на воздухот.