Министерот за Брегзит, Дејвид Дејвис, изјави дека Велика Британија се подготвува за голема препирка со Европската Унија (ЕУ) во врска на формата на идните преговори за излез на Обединетото Кралство од Европската Унија, јавува Anadolu Agency (AA).
Ресорниот британски министер Дејвис, денес изјави дека предлог-форматот на преговорите за Брегзит е нелогичен и дека се навредливи тврдењата дека европските судови се многу подобри од британските.
Процесот на излегување на Велика Британија од Европската Унија треба да трае две години, а тензиите меѓу Лондон и Брисел веќе се присутни, и се во фаза во којашто треба да се преговара за форматот на преговорите.
Од Брисел претпочитаат на почетокот да се постигне договор за правата на граѓаните, за границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска, како и за финансиската спогодба пред да започнат преговорите за идните односи.
„Како да се реши прашањето на границата со Северна Ирска и Република Ирска, ако не знаете каква е нашата општа политика за границите, каков е царинскиот договор, каков е договорот за слободна трговија, дали треба да ги промените царините на границите или не?“, изјави Дејвис за британската телевизија ITV.
Истакнувајќи дека не може нештата да се договараат одделно, Дејвис рече дека очекува тоа да биде главната препирка претстојново лето.
Најави и дека Велика Британија е подготвена да се спротивстави на тоа Судот на Европа да биде надлежен за правата на европските граѓани кои живеат во Велика Британија.
„Вистина е дека го сакаме целиот договор одеднаш“, заклучи Дејвис.