Владата донесе Одлука за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел, заради разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејсажните, пределните и други вредности, природни убавини, како и заради зачувување на специфичната интеракција на луѓето и природата. Вкупната површина на Заштитен предел – Осоговски Планини изнесува 48807,16 хектари, a со него ќе управува Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“.
Исто така, Владата донесе и Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на локалитетот Студенчишко блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природа и Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата заштитен предел, со што Министерството за животна средина и просторно планирање ќе може да ги започне постапките за прогласување согласно законските процедури.
Владата ја разгледа и прифати апликацијата за номинирање на Охридско Езеро за место во Светската Рамсар Листа.
Со тоа, Министерство за надворешни работи во соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање ќе може да ја започне постапката и да ја достави апликацијата за номинирање на Охридско Eзеро за место во Светската Рамсар Листа до Секретаријатот на Рамсараска конвенција до крајот на оваа година.