Платформата за „целосно” решавање на албанското прашање во Македонија, отвора многу дилеми и ќе создаде внатрешна нестабилност која ќе има долгорочни последици на меѓуетничките односи, демократските процеси и економскиот развој, велат од Демократскиот сојуз.
„Наместо јакнење и унапредување на граѓанските-човековите права, повторно се затвораме во етничките гета, кое не вовлече 2001 година во воен конфликт со тешки последици. Сега кога Македонија има шанса да воспостави владеење на правото, независен судски систем, да отвори војна против најголемото зло-криминалот и да создаде перспективи за економски развој, повторно и повторно се отворат етнички прашања, кои немаат перспектива да бидат разрешени со пазар за формирање Влада.
Историјата потврдува дека без правна држава ниту едно индивидуално, човеково право не се разрешило, затоа ни треба платформа за обединување и развој на граѓански концепт преку кој ќе се разрешат сите отворени прашања, вклучително и правата на колективитетите. Вонредните избори беа како резултат на длабока криза и парализа на системот во целина и затоа се потребни коренити промени и нови луѓе“, се наведува во партиското соопштение.