Демократски сојуз: Поднесен Закон против високата корупција

Сподели

 

Денес Павле Трајанов, претседател на ДС и пратеник, поднесе Предлог-закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, со кој започнува „војна“ за искоренување на корупцијата и изградба на современа и демократска држава и држава полноправна членка на Европската Унија.

Пратениците и партиите коишто ќе го поддржат донесувањето и спроведувањето на овој закон се проевропски партии, кои ќе стават крај на разорното дејство на криминалот и разнебитувањето на државата.

 На прес-конференцијата, Трајанов нагласи:

 „Со овој Закон, надвор од центрите на политичката и партиска моќ, се формира независна Агенција за борба против тешките облаци на организиран криминал и високата корупција, која ќе работи на откривање на тешки кривични дела сторени од носители на јавни функции и други вклучени во организираниот криминал. Оваа Агенција ќе го открива и скриениот имот на функционерите во државата и странство, ќе предлага конфискација на криминално стекнатиот имот и забрана на политичко дејствување до 10 години. Оваа Агенција ќе открива кривични дела со значителна вредност (над сто илјади евра), ќе ги анализира јавните тендери и ќе иницира кривична постапка. Инаку, Агенцијата ќе биде екипирана со врвни професионалци, способни кадри и имуни на партиски и коруптивни влијанија. Директорот ќе го избира Управен одбор составен од универзитетски професори, новинари, претставници од невладиниот сектор, адвокати, пратеници, обвинител и претставник од ДКСК. Очекувам повеќе пратеници да се приклучат како предлагачи и Законот да се донесе до крајот на месец март.”

 Инаку заеднички се оценките дека државата и натаму се криминализира, дека отсуствува политичка волја за ефикасна борба против криминалот и поради партизацијата на сите институции не функционира имунолошкиот систем на државата, а криминалот буквално ја „јаде” државата.

 Разорното и деструктивно дејство на криминалот се забележува на секој чекор, преку социјалните разлики, сиромаштијата, селективни и нелогични судски пресуди, масовно иселување на младите и целосен колапс на државните институции и довербата на граѓаните во нив. Организираниот криминал и високата корупција сериозно ја загрозуваат демократијата, човековите права, економскиот развој и Уставниот поредок на државата.

 Како држава немаме алтернатива, мораме да се соочиме со ова зло, да го искорениме и отвориме перспективи за развој на државата.