Демократскиот сојуз ја повикува Владата сериозно да го земе предвид фактот дека Македонија стагнира во борбата против корупцијата и назадува во рангирањето според Индексот на Транспаренси интернешнел за перцепција на корупцијата за 2020 година, каде што падна на 111 место од 180 земји.
Наместо да се бараат причини и изговори за ова најниско рангирање во досегашните мерења на перцепцијата на корупцијата од страна на реномираната меѓународна организација Транспаренси интернешнел, Владата треба да отпочне решителна борба против корупцијата која го разјадува нашето општество, почнувајќи од највисоките политички кругови, Владата, министерствата, државните агенции, јавните претпријатија, судовите, обвинителствата, па се до најниските ешалони на власта.
Ставот на граѓаните дека Македонија назадува во борбата против корупцијата е важен сигнал дека состојбата е алармантна, поради што борбата против корупцијата и организираниот криминал не смее да остане само декларативна заложба.
Демократскиот сојуз ја потсетува Владата дека во својата политичка програма и особено во програмата за декриминализација – ДЕКРИ има предвидено низа мерки и активности за борба против организираниот криминал и корупцијата, за правна држава и независно, одговорно и професионално судство и ја охрабрува Владата да преземе одлучни чекори во оваа насока.
Демократски сојуз, соопштение