Утрово во 7 часот беше отворено гласачкото место 2011 во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во општина Теарце каде се прегласува откако Управен суд одлучи да го поништи гласањето во ова тетовско село.
Изборниот молк кој започна во петокот на полноќ ќе трае до затворање на избирачкото место во 19 часот.
На терен се присутни и претставници на граѓанската асоцијација „Мост“ и невладината „Цивил“ кои го набљудуваат изборниот процес.
Државната изборна комисија пред четири дена едногласно донесе одлука за прегласување во Теарце бидејќи симулацијата направена од ИТ-секторот покажала дека прегласувањето може да влијае на резултатот од изборите, односно на бројот на освоени мандати на политичките партии во шестата изборна единица.
Од комисијата информираа дека гласачкото ливче во Теарце е исто како и пред две недели, со 11 кандидатски листи.
Причината за поништување на гласањето е бидејќи било утврдено дека од кочанот со гласачки ливчиња недостигало едно ливче, кое потоа, со дел од кочанот, било пронајдено во гласачката кутија. Освен тоа, во доверливиот гласачки материјал недостига и образецот број 15.
На избирачкото место 2011 во Теарце во Избирачкиот список се запишани вкупно 714 гласачи, а на гласањето на 11 декември излегоа 404 избирачи.