Концерт со наслов „Мајска сесија – Дојди да се преслушаме“, ќе се одржи вечер на платото пред Универзитетот Св. Кирил и Методиј“ во Скопје како централен настан на Јуроп хаус по повод “Денот на Европа 2024”.
Концертот ќе претставува автентично музичко патување низ историјата на домашната рок и поп-антологија. На концертот, со наслов „Мајска сесија – Дојди да се преслушаме“, старите познати рефрени ќе бидат изведени од актуелните изведувачи „Фанк шуи“, „Пијан славеј“, Дина Јашари, диџеј Гоце и ЛД Пистолеро, „Sethsat“ со Марија Каева и „Ретро кабаре“, кои ќе свират свои аранжмани на песните, како одговор на едно друго време.
Концертот е најавен како севкупно мултимедијално искуство, низ кое како домаќин публиката ќе ја води познатиот радиоводител Драган Б. Костиќ. Освен музичкиот спој на старото и новото во формат на „радиошоу во живо“, за публиката ќе бидат достапни и други содржини на платото на УКИМ – мини-саем на книги, поп-ап продавница за винили и др.
Воедно, се најавува дека другите Јуроп хаус од мрежата ќе бидат домаќини на богати културни настани, не само во своите градови туку и пошироко во регионот.
Во Битола, програмата под мотото „Ние сме тука, кај си ти?“ почна на 9 мај со осветлување на Саат-кулата, а заврши на 18 мај со изложба и настап на грчкиот диџеј Архитект во Пациото на Музејот во Битола. Во Струга, на 30 мај, под мотото „Слушај природа!“ се планира целодневна програма што вклучува откривање на нов мурал во градот, проследено со музичко-светлосен перформанс во струшкиот Парк на поезијата. Во организација на Јуроп хаус Крива Паланка, настани се планираат и во Кратово и Куманово, а главните активности се случија на 20 мај со цртање мурал во пиксел формат „Прозорот на единството“, како и концерт на групата „Фолтин“.
На 28 мај, Јуроп хаус Струмица ќе го претстави биодиверзитетот на регионот преку изложба во Дојран, а на 30 мај во Гевгелија планиран е и „Концерт рок-симфонија“ во изведба на Битолскиот камерен оркестар. Јуроп хаус Велес е домаќин на интересен настан на 27 мај, кога ќе се промовираат локални винарници од вардарскиот регион и вина на земји-членки на Европската унија, нудејќи дегустации, жива музика и промоција на традициите и иновациите во семејни винарници.
Europe House (поранешен ЕУ Инфо центар) е основана од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија со цел да овозможи значително зголемување на учеството на младите во процесите на одлучување и креирање содржини од различни сфери кои ги негуваат европските идеали. Во мрежата на Јуроп хаус покрај центарот во Скопје „како места за новата генерација“, влегуваат и центрите отворени во Велес, Битола, Струмица и во Крива Паланка.