Децата бегалци без придружба нема да бидат депортирани од Италија

Сподели

Италијанскиот парламент денес го усвои законот со кој на децата бегалци без родителска придружба им се дозволува да останат во таа земја и да бидат заштитени од кој било вид на искористување, пренесува Anadolu Agency (АА).

“Ова е цивилизирана одлука со којашто ќе бидат заштитени и интегрирани оние кои се наоѓаат во многу тешка ситуација”, напиша италијанскиот премиер Паоло Џентилони на својот Твитер профил.

Ова е првиот ваков закон што го има усвоено една членка на Европската Унија.

УНИЦЕФ овој месец соопшти дека стапката на смртност на децата во Сирија во 2016 година се зголемила за 20 отсто во однос на претходниот период, и се оценува дека оваа година е најлошата од 2014 наваму. Се наведува дека најмалку 652 деца се убиени во Сирија во 2016 година, меѓу кои 255 во или во близина на училиштата.

“Најранливи меѓу сириските деца се 2,8 милиони од нив до кои тешко може да се дојде, вклучувајќи 280.000 деца кои живеат во местата под опсада, речиси целосно отсечени од каква било хуманитарна помош”, наведува УНИЦЕФ.

Околу шест милиони деца зависат од хуманитарна помош, милиони се раселени, додека над 2,3 милиони сириски деца живеат како бегалци во Турција, Либан, Јордан, Египет и Ирак, соопшти УНИЦЕФ.