Детска интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“

Сподели

 

На големата сцена на Националната опера и балет на 27 јануари со почеток во 12:00 часот ќе биде изведена детската интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ наменета за најмладата публика од 6 до 11 години. Идејата, сценариото, режијата, костимографијата и сценографијата се на Десанка Глигоријевиќ.  

„Операта на шумските животни“ е интерактивна музичко-драмска претстава чија цел е да ја запознае и да ја едуцира најмладата публика со оперската уметност. Сценариото изобилува со многу комични моменти што се случуваат додека шумските животни се обидуваат да создадат оперска претстава. Музичкиот дел е исполнет со адаптирани популарни арии од оперите: Кармен, Палјачи, Аида, Травијата, Рита и други, како и инструментални композиции кои се со адаптиран текст во својство на сценариото.

Улогите ги толкуваат: Билјана Камчева, Марика Поповиќ, Јане Дунимаглоски и Невен Силјановски.

Од Националната опера и балет информираат дека претставата е од хуманитарен карактер, а собраните средства од продадените билети ќе бидат наменети за лекување на младиот Леонид Индов, кој во несреќен случај во Грција се здоби со тешки повреди, по што беше опериран и му претстои долготрајно и скапо лекување.