Девет земји-членки на ЕУ го повикаа Борел да го врати Западниот Балкан на дневен ред

Сподели

 

„Веруваме дека е крајно време за стратешки поглед на Западен Балкан“, порачаа министрите за надворешни работи на Австрија, Хрватска, Чешка, Германија, Грција, Ирска, Романија, Словачка и Словенија, во писмото упатено до шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел. Тие побараа состанок во април на министрите за надворешни работи на ЕУ, на коj ќе се одржи стратешка дискусија за Западниот Балкан и перспективите на земјите од овој регион, пишува „Еуроактив“.

Деветте земји-членки на ЕУ во писмото велат дека „многу се сменило“ од последната дебата за проширување во август 2019 година. Процесот на проширување на ЕУ добил нов интензитет во пролетта 2020 година, кога Северна Македонија и Албанија добија зелено светло од министрите на ЕУ да започнат разговори за пристап подоцна истата година. Сепак, процесот наишол на „камен на сопнување“ минатата есен, кога Бугарија ја блокираше Северна Македонија поради несогласувањата околу историјата и јазикот.

„Ветото на Бугарија ѝ наштети на Албанија, бидејќи членките на ЕУ го гледаат пристапувањето на Скопје и на Тирана „во пакет““, се вели во писмото упатено до Борел од деветте земји-членки.

Министрите во писмото предупредуваат дека ковид-19 пандемијата ги потенцирала постојните трендови, вклучително и геополитичките импликации во регионот. Во писмото се вели дека други актери се подготвени да се вклучат во регионалните работи, што пак, е често на штета на ЕУ.