Со прикажување на краткометражниот филм „Вај – Фај плаза Куба“ на режисерот Адријан Келтенборн во чешко, кубанска и шпанска копродукција и на долгометражниот филм „Кеди“ на режисерката Сејда Торун во американска копродукција утре (16 август) во Куршумли-ан ќе биде отворено деветтото издание на Фестивалот за креативен документарен филм „МакеДокс“. По филмската програма на отворањето ќе се одржи и концерт на групата „Џими Барка Експириенс“.
Во рамки на фестивалот кој годинава се одвива под мотото „Реалноста режира, ние правиме филмови“ ќе бидат прикажани 70 филмови, распределени во пет сегменти главна програма, нови автори, студентски и кратки филмови, а сите влегуваат во конкуренција за Наградата за филм со најдобри етички идеи.
Програмата „Земјата во фокус“, годинава ќе биде посветена на полските документарни остварувања, каде под наслов „Полска во срцето“ ќе бидат прикажани 12 документарци од современата полска филмска продукција. Во рамки на Фестивалот ќе се одржат и Панел-дискусија на тема „Улогата на филмот во деинституционализацијата“, две фотографски работилници, а ќе се одржи и пикник на кој млади уметници ќе ги продаваат своите ракотворби.
Деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 16 до 23 август во Куршумли-ан во Скопје, на платото пред Музеј на Македонија и во Музејот на современата уметност во Скопје.