Џафери до Димовски: Јас не познавам поим страв, вие од ВМРО-ДПМНЕ тоа добро го знаете

Сподели

-“Јас не познавам поим страв. Тоа вие од ВМРО-ДПМНЕ многу добро го знаете. Јас немам од што да се плашам”, му рече претседателот на Собранието, Талат Џафери на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски на почетокот на седницата за пратенички прашања.

Илија Димовски бараше процедурално да говори, но Џафери не му дозволи затоа што партијата ВМРО-ДПМНЕ известила дека тој повеќе не е координатор. Откако Димовски инсистираше и не сакаше да замине од говорницата, Џафери му дозволи и рече дека граѓаните се тие кои ќе ги ценат постапките на пратениците.

-“Барам список на поставени, а неодговорени прашања, да се објави на веб-страницата на Собранието и да се испрати до медиуми заради транспарентност. Барам да констатирате кои членови на владата се присутни тука. Не може со пола влада тука да си играме пратенички прашања и да глумиме транспарентност и отчетност. Тоа е непочитување. Јас знам дека се плашите кога ќе излезам јас на процедурално, но ова мора да се одговори “– рече Димовски.

Претходно, дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на седницата пуштаа музиката од своите мобилни телефони, а координаторот на пратеничката група Драган Данев рече дека тоа било продолжение на општата забавна атмосфера во државата.

-“Веселби во тунели, веселби на секој чекор на секое ќоше за граѓаните да заборават на предизборните ветувањата за поголеми плати и пензии, за откривање коруптивни зделки во владата. Наместо одговори на реалните проблеми ние имаме само забави. И Могерини рече дека пола час е доволно за славење за ваков извештај за кој што треба уште многу да се прави. Да завршите со забавите и да почнете да работите “– порача Данев.

meta.mk