„Европската интеграција: Западен Балкан, додадена вредност на Јадранско-Јонскиот регион и на Европската унија“
“Неопходно е Европската унија без одлагање да го утврди датумот за одржување на првата меѓувладина конференција, со која ќе биде означен почеток на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија и тоа е најдобро да се случи за време на француското претседавање со ЕУ”, истакна денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери во обраќањето на 18-та Конференција на Јадранско-јонската иницијатива на тема „Европската интеграција: Западен Балкан, додадена вредност на Јадранско-Јонскиот регион и на Европската унија“, што се одржува во албанскиот главен град Тирана.
– Иако секоја држава индивидуално има своја стратегија и ги презема потребните чекори за заштита на својот територијален интегритет и суверенитет, сепак обврска на секоја држава одделно, исто така, е и одговорноста за стабилноста на регионот и неговата европска интеграција. За Република Северна Македонија, членството во НАТО значи да се биде дел од напорот за одржувањето на мирот и секако дека тоа што сме заедно и сплотени под тој заеднички чадор влева чувство на моќ и сигурност и во исто време има многу позитивно влијние и врз целиот регион, па и пошироко, рече Џафери.
За нас како држави аспиранти, посочи Џафери, е многу важно во рамките на Јадранско Јонската иницијатива да ја интензивираме и соработката помеѓу парламентите и парламентарните тела, околу нашите реформи и во исто време ќе можеме да ги артикулираме нашите интереси и прашања, а понекогаш можеби и дилеми, во Европскиот парламент, но и пред другите институции на Европската Унија.
Тој изрази поддршка за Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-јонскиот регион (ЕУСАИР), како корисно средство за економска соработка помеѓу земјите членки на ЕУ и државите кандидати за членство.
– Високо ја цениме улогата на иницијативата во зголемувањето на регионалната соработка и охрабрувањето на процесот на проширување со земјите на Западниот Балкан. Како земји, како регион, треба да бидеме свртени едни кон други, секогаш и во секоја форма на иницијатива, соработка, заеднички проект и мултилатерална соработка, за да бидеме привлечни и конкурентни на големите светски пазари. Тоа ќе придонесе за благосостојбата на нашите граѓани, држави и регион, рече тој.
Џафери посочи дека се свесни оти ваквите конференции се исклучително корисни за поттикнување на меѓусебната парламентарна соработка на полиња од взаемен интерес, како што се на пример економијата, транспортот и врските, заштитата на животната средина, науката и културата, како и да го охрабрат развој на соодветни форми на прекугранична соработка за прашања од заеднички интерес во Јадранскиот и Јонскиот регион.
– За жал, актуелната безбедносна ситуација во Украина, не навраќа на уште една од целите при формирањето на Иницијативата во Анкона на 20 мај 2000 година како предлог на Италија, односно зајакнувањето на безбедноста на земјите во регионот и давањето поттик во процесот на интеграција во Европската Унија. Сега, тоа e нужно повеќе од кога било, имајќи предвид дека руската агресија врз Украина покажа колку е значајно проширувањето на Европската Унија за безбедноста, стабилноста и демократската консолидација на целиот регион, додаде Џафери.
Тој потсети дека Собранието на 3 март оваа година донесе Декларација за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, со која меѓу другото, од надлежните институции се бара да бидат во тесна координација со земјите членки на НАТО и ЕУ во однос на заедничкиот ангажман за поддршка на дипломатските напори за итен и безусловен прекин на воените дејствија на територијата на Украина.
– Ова е нешто за што и лично ќе се заложам, затоа што се уште ми се пред очи тажните слики на разурнатите градови во Украина, што ги видов при мојата неодамнешна посета во Киев. Агресијата врз Украина е нешто што не смееше да се дозволи да се случи. Тоа е срам и слабост на сиот модерен и демократски свет со „наводно“ научени и споделени вредности. Во исто време, ни покажа дека се уште сме многу слаби и фрагилни и дека постои опасност од прелевање на војната, особено ако стоиме сами наспроти ветерот, истакна спикерот Џафери.