Џафери ја предводи државно-црковната делегација во Рим и Ватикан за чествување на Св. Кирил и Методиј

Сподели

 

Претседателот на Собранието Талат Џафери, од 23 до 25 мај ќе оствари посета на Италијанската Република и Светата Столица по повод традиционалната Манифестација во чест на Св. Кирил и Методиј.

Претседателот Џафери ја предводи државно-црковната делегација на Република Северна Македонија во состав: Арбер Адеми, координатор на ДУИ; Соња Мираковска, заменик координатор на СДСМ; Дафина Стојаноска, заменик координатор на ВМРО – ДПМНЕ; Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието; Елена Јовановска Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик; Даријан Сотировски, претседател на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи; г. Пимен, митрополит европски; отец д-р Зоран Стојанов, Католичка црква; митрополит тетовско – гостиварски, г. Јосиф и отец Митко Газинковски.

Посетата на Италијанската Република и Светата Столица ќе започне со средба на претседателот на Собранието, Талат Џафери и претседателот на Домот на пратеници на Италијанскиот Парламент, Лоренцо Фонтана, која што ќе се одржи во Домот на пратеници на 23 мај. Делегацијата предводена од претседателот Џафери, на 23 мај ќе ја посети и Базиликата на Св. Павле, а ќе присуствува и на Концерт на учениците од МБУЦ, Гоце Златев и Магдалена Дрмач, во организација на Министерството за култура на Република Северна Македонија.

На 24 мај 2024 година, државно-црковната делегација ќе присуствува на Аудиенција кај Папата Франциск во Ватикан. Програмата продолжува со средба на претседателот Џафери и кардиналот Пјетро Паролин и Монсињор Пол Ричард Галагер. Во рамки на програмата, ќе се одржи Молебен во Базиликата Сан Клементе (San Clemente), по што делегацијата ќе положи венец свежо цвеќе на гробот на Свети Кирил. На 24 мај предвидена е посета на Базиликата Света Мариа Маџоре (Santa Maria Maggiore), по што делегацијата ќе ја посети изложбата на уметникот Решат Амети.

На 25 мај, претседателот Џафери ќе оствари средба со претставници на Центарот за изградба на светилиштето на Мајка Тереза.