Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Талат Џафери, упати честитка до граѓаните по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот. Во продолжение на ова соопштение, ви ја пренесуваме интегрално честитката на премиерот Џафери:
„Денес е 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, и, покрај честитките, дозволете да изразам и огромна благодарност до сите почитувани работници кои и во овие тешки околности на глобални кризи од здравствен, енергетски и економски аспект, посветено, одговорно и професионално придонесуваат во јакнењето на издржливоста, растот, развојот и конкурентноста на економијата во Република Северна Македонија.
Како држава, треба секогаш да размислуваме во насока на понатамошно унапредување на работничките права, да го споделуваме товарот и да покажеме солидарност. Да ги заштитиме и работниците, и работодавачите. Затоа што, секогаш може да биде подобро.
Да се чувствуваат посреќни, еднакви и рамноправни. Затоа што, само задоволни работници претставуваат и верни и лојални чувари на јавното добро. Тогаш стануваат моќни двигатели на домашната економија а со тоа овозможуваат и обезбедување на поквалитетен семеен стандард и живот.
Како идна земја членка на Европската Унија, наша заложба е да ги штитиме работниците и да осигураме еднаков и фер третман за нив од работодавачите, бидејќи секој работник е пред сѐ, човечко битие кое заслужува почит и достоинствен живот.
Во име на Владата на Република Северна Македонија и во свое лично име, ви го честитам 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот“.