Џафери: Постапката за уставни измени може да почне

Сподели

 

Претседателот на Собранието Талат Џафери, на денешниот редовен месечен брифинг со новинарите, одговарајќи на новинарски прашања, ги објасни процедурите и роковите за донесување измени на Уставот, со оглед на најавите за таква иницијатива од Владата.

 
 

 

Повикувајќи се на Деловникот на Собранието, Џафери посочи дека целата постапка за уставни измени би можела да трае од 4,5 до шест месеци.

Согласно со членот 196 од Деловникот, како што посочи Џафери, по предлогот за пристапување кон измена на Уставот на седница на Собранието се води претрес во целина, кој може да трае најмногу 10 работни дена. Претресот по предлог за пристапување на измена на Уставот во Комисијата за уставни прашања, исто така, може да трае најмногу 10 работни дена.

Одлуката за пристапување, како што појасни претседателот, Соранието ја донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, односно со 80 гласа.

Во однос на амандманите, Џафери нагласи дека, согласно со Деловникот, по донесувањето на одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието, со заклучок, утрврдува рок во кој подносителот на предлогот изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот.

Претседателот на Собранието рече дека негов личен став е дека треба да почне постапката за уставни измени и дека самата процедура и роковите за спроведување на процесот упатуваат на тоа дека промените на уставот не се само интерес на мнозинството, туку на целата држава.  

Џафери ја отфрли можноста откако ќе стигнат нацрт амандманите од Владата да може да се поднесуваат нови амандмани надвор од тие што ги предлага таа како иницијатор, како што е барањето за бришењето на описот „20 отсто“ за албанскиот јазик во Уставот. Според Џафери ниту Владата како иницијатор не може да предлага нов амандман кога ќе почне постапката, така што ги стави во купот на алиби политички изјави сите барања и најави околу уставните промени што не се веќе договорени на експертската комисија. Тој ја отфрли и можноста за покренување уште една паралелна иницијатива за уставни измени околу ваквите барања, нагласувајќи дека има пропишан рок колку време,т.е. години треба да поминат за да се покрене одново процес за уставни измени.