Борис Џонсон ќе побара од кралицата да го распушти парламентот неколку дена откако пратениците ќе се вратат од одмор и неколку недели пред рокот за брегзит, известува „Индепендент“.
Овој потег ќе се смета како обид да се спречат сите напори на пратениците да го спречат премиерот да ја изведе Велика Британија од Европска Унија без постигнат договор.
Според плановите на владата, парламентот ќе биде суспендиран само неколку дена откако пратениците ќе се вратат на работа следната недела и ќе продолжат само за говорот на кралицата закажан за 14 октомври, според „Би-би-си“.
Ако се случи тоа, пратениците нема да имаат време да изгласаат ниту еден закон со кој би се спречило излегување на Велика Британија од ЕУ без договор, доколку Борис Џонсон не успее да обезбеди нов договор со ЕУ.
Петицијата во која се повикува владата да не го суспендира парламентот веќе доби над 65.000 потписи.
Нејзиниот текст гласи: „Парламентот не смее да биде суспендиран или распуштен, освен и сè додека периодот од членот 50 не биде доволно продолжен или додека Велика Британија не се откаже од намерата да се повлече од ЕУ“.
Идејата за суспендирање на парламентот важи за контроверзна и критичарите велат дека тоа отвора можност за недемократско спроведување на „Брегзит“.