Дигитализација на над 5 милиони записи на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”

Сподели

 

Министерството за култура на Република Северна Македонија и Фондот за иновации и технолошки развој започнуваат процес за забрзано дигитализирање на  картотеките на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ со цел да се оствари заштита, валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство на македонскиот јазик.

Предизвикот е наменет за претпријатија кои можат да понудат иновативно решение – сами или во соработка со установа која врши високообразовна, односно научно- истражувачка дејност или друго претпријатие. Проектот треба да содржи пет поглавја во кои се опишуваат методологијата на работа, процесите, технологијата и компетенциите што ќе бидат ставени во функција за да се остварат целите на проектот.

Министерката за култура, Ирена Стефоска, на денешната прес-конференција во Владата истакна дека Министерството за култура започнува проект за соодветна и итна заштита  т.е. дигитализација на над 5 милиони ливчиња.

„Станува збор за јазични записи собирани со децении на терен од вработените во Институтот, но и од студенти, информатори и вљубеници во македонскиот мајчин јазик, кои со својата собирачка активност помогнале во зачувувањето на ова јазично духовно богатство. Ентузијазам кој овозможил, како култура, да застанеме рамо до рамо со најголемите светски култури“, појасни Стефоска. Таа додаде дека од 5-те милиони уникатни јазични записи,  досега,  за  9 години се дигитализирани само 140 илјади ливчиња. Како што рече Стефоска, тоа е премалку и пребавно и ако продолжи со вакво темпо, веројатно ќе требаат безмалку уште  400 години за да се дигитализира само овoj скапоцен материјал.

„Затоа, Владата ја поддржа потребата од итна дигитализација на картотеките во Институтот за македонски јазик“, рече Стефска, која акцентираше дека дигитализацијата, како трајна заштита на нематеријалното културно наследство, е врвен приоритет.

„Должни сме да ги заштитиме нашата култура и богата историја и да го превенираме секој ризик по нив. Поради идните генерации.“, додаде министерката за култура.

Оваа инвестиција е од специјално и навистина големо значење за сите идни генерации бидејќи инвестираме во осовременување и заштита на македонскиот јазик како наше најголемо духовно културно наследство, на дијалектите на македонскиотјазик и топонимијата на Република Северна Македонија, истакна директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров.

Обезбеден е вкупен буџет во износ од 14 милиони денари, за кој ФИТР обезбеди 9, додека Министерството за култура на Република Северна Македонија учествува со финансиски средства во износ од 5 милиони денари. Победничкиот предлог-проект ќе биде финансиран 100 отсто од вкупниот буџет, односно до 14 милиони денари. Спроведувањето на проектот може да трае до 12 месеци.

Апликантот треба да биде микро, мало или средно претпријатие, во согласност со Законот за трговски друштва, регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија, годишните приходи да не надминуваат 10 милиони евра во претходните две фискална години според финансиски извештаи и други.

Дел од активностите што ќе бидат одобрени за финансирање се: развој на решението и активности за тестирање, анализа на регулатива, комуникација со потенцијални учесници и други. Некои од трошоците што ќе бидат одобрени на проектите се бруто-плати за вработените кај водечкиот апликант, купување или изнајмување опрема и потрошни материјали во функција на проектот, под договорни услуги за истражување и развој и други.

Главните критериуми според кои ќе се врши оценување на предлог-проектите се: степен на иновативност, капацитет на проектниот тим, квалитет на проектот, потенцијал за примена, односно пазарен потенцијал и влијание на проектот.

На јавниот повик, компаниите можат да аплицираат најдоцна до 21.10.2021 година, до 14:00 часот, додека процесот на аплицирање и целата проектна документација се достапни тука.