Државната изборна комисија денеска во 11 часот ќе ја одржи седницата за расправање и одлучување по приговорите од подносителите на листи на кандидати за пратеници.
До ДИК се пристигнати вкупно 16 приговори до ноќеска на полноќ, кога истече рокот за поднесување приговори од политичките партии кои учествуваа на предвремените парламентарни избори.
Според информациите од ДИК, од вкупниот број приговори, осум се на Коалицијата предводена од СДСМ, а осум се на Движењето Беса. Дел од приговорите се однесуваат на изборните резултати и можат да влијаат тие да се сменат.
ДИК е должна да реши по приговорите во рок од 48 часа по приемот. Против одлуката на ДИК, може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управиот суд на Република Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.
ДИК може по службена должност или по поднесен приговор, со решение да го поништи гласањето на гласачкото место во одредени случаи утврдени со Изборниот законик.
Против решението со кое се поништува гласањето може да се поднесе жалба до Управниот суд на Република Македонија во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Македонија е должен по жалбата да постапи во рок од 72 часа по нејзиниот прием. Повторното гласање на избирачкото место каде што е поништено се одржува 14 дена од денот на првото гласање.
Според првичните резултати од изборите што ги објави ДИК, ВМРО-ДПМНЕ освоила 51 мандат, СДСМ 49, ДУИ 10, Движењето БЕСА 5, Алијанса за Албанците три, а ДПА два.
Конечните резултати од изборите ДИК треба да ги соопшти најдоцна до 20 декември, откако ќе поминат роковите за приговори и одлучување по нив.