Државната изборна комисија (ДИК) ја поништи првичната постапка што почна во мај и распиша нов тендер за набавка на интегриран систем за биометриска идентификација на гласачите, со проценета вредност од речиси 12 милиони евра. Од ДИК оцениле дека тендерската постапка содржи битни пропусти или недостатоци во првичниот оглас, односно грешки во спецификацијата. Наместо да се бара фирма што ќе набави апарати за биометриска идентификација на гласачи, се барало електронска идентификација на лица.
„Во фазата на прибирање на понуди по објавениот оглас за јавна набавка, Комисијата утврди дека тендерската документација содржи неправилности и сторени се битни пропусти, на начин на кој не се целосно испочитувани начелата од Законот за јавните набавки и Изборниот законик“, се наведува во образложението за поништениот тендер објавено на Електронскиот систем за јавни набавки.
Новата тендерска постапка за набавка на апаратите за отпечаток на прст за локалните избори предвидува заинтересираните фирми да ги достават своите понуди најдоцна до 1 јули. Изборот на најповолен понудувач што ќе ја реализира зделката за набавка е според понудениот најдобар сооднос помеѓу цена (60 бода) и квалитет (40 бода). Во објавениот тендер се наведува дека на секое избирачко место ќе има по еден уред за биометриска идентификација на гласачите, кој не би се поврзувал на мрежа преку жичана или безжична конекција и би функционирал независно од било која мрежа или уред.
Воведувањето на апаратите за отпечаток на прст за претстојните избори го договорија лидерите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски на одржаната средба кон крајот на март годинава. Локалните избори тогаш беше договорено да се одржат во втората половина на октомври, при што набавката на ваквите апарати од ВМРО-ДПМНЕ претходно беше споменувана како услов за нивното учество на локалните избори наесен.