Димитрис Кондоминас, еден од најконтроверзните бизнисмени во Грција

Сподели

 

kondominas

Поврзан со финансиски, банкарски и со даночни скандали, влијателен во осигурителниот и во медиумскиот свет, грчкиот тајкун Димитрис Кондоминас важи за еден од најконтроверзните бизнисмени во Грција, а за него, поранешниот шеф на УБК, Слободан Богоевски, на „Топ-тема“ на „Телма“ изјави дека го предложил Никола Груевски да стане претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Кондоминас во Грција е активен преку групацијата „Демко“, под чија капа се наоѓаат радиото и телевизијата „Алфа“, една од најпопуларните телевизии во Грција, мултиплексот кина „Вилиџ синемас“ (Village Cinemas), осигурителните компании „Прајм“ (Prime) и „Мај дајрект иншуранс“ (My Direct Insurance), неколку веб-портали, компанијата за кредитни картички „Хеленик посткредит“ (Hellenic Postcredit S.A.) поврзана со грчката „Поштенска банка“. Кондоминас беше основач и на една од најголемите осигурителни компании во Грција, „Интерамерикан“, која во 2001 година беше продадена на „Еуреко“.

Неговото име во моментов се поврзува со два отворени судски процеси. Пред една недела грчкото обвинителство издаде кривична пријава против Кондоминас за зајатување данок во висина од 48 милиони евра и за перење пари.

Кондоминас е обвинет и во судскиот процес за банкарски скандал со измами и со перење пари од грчката „Поштенска банка“, случај во кој се товари за банкарски заем од 110 милиони евра кој бил злоупотребен за лично богатење. Грчкиот бизнисмен беше под истрага за проневера и за измама во висина од неколку милиони евра преку „Интерамерикан“ во периодот од 1996 до 1998 година преку инвеститори во Северна Африка, Германија, Холандија и во Белгија.

Кондоминас беше еден од бизнисмените што не успеаја да обезбедат телевизиска концесија со новиот закон за медиуми на владата на СИРИЗА, поради што телевизијата „Алфа“ и тој лично неколкупати во последниот период отворено ја критикуваа политиката на Алексис Ципрас. Во однос на неговите политички бои, во Грција се говори дека не поддржува конкретно некоја партија, туку внимава, пред сè, на своите бизнис-интереси.

Освен во Грција, Кондоминас се товареше и за вклученост во поткупот на македонски политичари при продажбата на „Македонски телеком“.

Грчкиот тајкун има бројни бизнис-зделки во Македонија.

Една од последните е купувањето на земјиштето на плоштадот Македонија, каде треба да се гради Офицерскиот дом. Земјиштето од повеќе од 6.000 квадратни метри, Кондоминас го купи за околу 630.000 евра. Кондоминас ја имаше и телевизијата „Алфа“ во Скопје, компанијата „Космотелко“, која имаше акции во „Македонски телеком“, а купи и земјиште од околу 22.000 квадратни метри кај хотелот „Александар палас“, каде требаше да се изгради голем трговски и бизнис-центар, идеја која пропадна бидејќи голем дел од земјиштето преку денационализација им беше вратено на сопствениците.

Кондоминас во 2012 година се заинтересира заедно со грчката државна компанија за електродистрибуција да учествува на тендер за хидроцентрали на Црна Река.

Токму оваа иницијатива побуди сомнежи кај неколку грчки новинари кои го следат и спорот за името и неговите активности во Македонија. Порталот „Протагон“ тогаш објави дека на поранешниот премиер Јоргос Папандреу му била доставена понуда за грчки инвестиции во Македонија преку кои може да се влијае за побрзо решавање на спорот за името.

Порталот индеректно го поврза Кондоминас со оваа активност, како и со сличниот план што во 90-тите години на минатиот век му бил претставен на тогашниот премиер, Костас Симитис.

meta.mk