Вести Македонија Ударни вести

Димитров на работна посета на Германија: Решени сме да успееме!

Сподели:

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, на 7 и 8 ноември 2018 година, престојува во работна посета на Сојузна Република Германија, на покана на претседателот на Комисијата за ЕУ прашања во германскиот Бундестаг, Гунтер Крихбаум.

Во своето обраќање пред членовите на оваа Комисија, МНР Димитров брифираше за најновиот развој на внатрешно политичките состојби во Република Македонија, со акцент на претстојните активности поврзани со целосна имплементација на Договорот од Преспа. Министерот Димитров се осврна и на реформската ЕУ и НАТО агенда, како и на македонскиот придонес во развојот на добрососедските односи и регионалната соработка во Југоисточна Европа. Министерот Димитров нагласи: „Решени сме да успееме и на следната средба заедно да го прославиме отворањето на пристапните преговори со ЕУ.”

MНР Димитров оствари  средба и со Јан Хекер – советникот за надворешна политика на германската канцеларка, Ангела Меркел. Двајцата соговорници дискутираа за билатералната соработка меѓу двете земји, при што беше укажано дека реализацијата на реформите во Република Македонија се, пред се’, за бенефит на самите граѓани и трансформација на земјата во кредибилна европска демократија. Заеднички беше потврдено дека историската посета на канцеларката Меркел на 8. септември е доказ за исклучително високото ниво на македонско-германските односи.

Министерот Димитров одржа и предавање на Институтот за општествени науки при Универзитетот Хумболт на тема „Дипломатија, демократија и компромис во Западен Балкан-прогресивниот пат на Македонија кон пристапот во ЕУ и лекциите за регионот”. МНР Димитров нагласи: „На долг рок, единствената визија за стабилен и просперитетен регион е онаа водена од конструктивен и продуктивен натпревар. Ова зависи од европската интеграција на Регионот. Без тоа, наместо стоки и услуги, Регионот ќе извезува луѓе и нестабилност.”

Во текот на утрешниот ден, МНР Димитров ќе оствари средба и со својот хомолог, МНР на СР Германија, Хајко Мас.

Сподели: