Во интервју за Агенција Европа, министерот за надворешни работи, Никола Димитров предупредува за ризиците кои и се закануваат на Македонија доколку ЕУ не додели датум за старт на преговори во октомври.
-“Ако немаме перспектива, а тоа е влогот во октомври, ќе ослабнеме, а скептиците, националистички сили и популистите ќе се зајакнат, тоа ќе им помогне на оние кои се сомневаат во европскиот проект, таа стратешка ориентација, додека позитивната одлука ќе ни помогне да кажеме дека работите се во наши раце”, изјави Димитров.
Што се однесува до одлагањето на одлуката за датум во јуни годинава, Димитров смета дека министрите немаа доволно време да го разгледаат напредокот во четирите клучни области дефинирани во јуни 2018, поради кусиот рок помеѓу објавувањето на извештајот на Европската Комисија и одржувањето на Советот на ЕУ.
-Сите погледи се сега свртени кон средината на октомври, мислам дека влогот е таков што има сериозни размислувања во престолнините за начинот да се зграпчи оваа прилика во момент кога нема многу прилики за успех, објаснува Димитров.
Во случај Македонија да не добие зелено светло овој пат, по четиринаесет години кандидатски статус, министерот предупредува: „нема да биде лесно за мене, како министер, да се вратам дома после октомври и да речам дека ќе одлучуваат идната година, потребно ни е политичко гориво за да продолжиме да одиме напред”.