Димитров: Прашањето за јазикот не е само одбрана на македонскиот туку и на европскиот идентитет и вредностите кои ги промовира ЕУ

Сподели

 

Димитров пред учесниците на панелот посветен на пристапувањето во ЕУ, насловен: „Патот кон ЕУ: што да очекуваме кога очекуваме?“ посочи дека Северна Македонија успеа да го реши долготрајниот спор за името токму затоа што Грција го призна и прифати правото на граѓаните на самоопределување. Но сега земјата на патот на нејзината евроинтеграција се соочува со проблем што, како што појасни, досега бил третиран како прашање од техничка природа.

“Неприкосновено право на секој народ е правото на самоопределување и да го одбере јазикот на кој зборува. Тоа е право на луѓето што живеат тука, а не на друга држава или која било меѓународна организација. А прашањето за јазикот и оваа наша борба не е само одбрана на македонскиот идентитет, туку борба за зачувавање на европскиот идентитет и вредностите што треба да ги предводи ЕУ, – истакна вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во обраќањето на Преспа форум дијалогот „Западен Балкан: Делот што недостига за Европа да биде целосна“ што од денеска се одржува во Охрид.