Директно прашање од НАТО: Дали ВМРО-ДПМНЕ е навистина за членство во Алијансата

Сподели

 

Во НАТО од синоќа си го поставуваат прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ е навистина за членство на земјава во Алијансата, како што партијата декларативно говори години наназад.

Тоа е коментарот на висок претставник на НАТО по ставот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ дека „договорот од Преспа е политички мртов и празно слово на хартија“. Соговорникот вели дека НАТО, а и земјите-членки, ќе почнат ова прашање да и го поставуваат и директно на опозициската партија.

Од НАТО сметаат дека, во принцип, не е можно постојано да се вели „не“, а во исто време да не се дава алтернатива како да се стигне до јавно декларираната цел – членство во НАТО. А за Алијансата, како што повтори и генералниот секретар Јенс Столтенберг, нема план Б.

Како показател дека вратите на НАТО остануваат отворени е фактот дека на 18 и 19 окотовмри во Брисел ќе почне техничкиот пристапен процес за зачленување на Македонија. Алијансата ќе продолжи со преговорите за членство независно од политичките случувања, но процесот ќе прекине ако која било од страните, Грција или Македонија, каже дека договорот од Преспа не може да се спроведе.

За „360 Степени“ од Брисел јавува Александар Димитриевски.