Младинската организација „Мугра“ вечерва од 19 часот организира проекција на документарецот „Marx reloaded“, а потоа е предвидена и дискусија, со што би се одбележал 11 Октомври.
Според „Мугра“, одбележувањето на 11 октомври како важен датум во нашето општество покажува дека, како општество сè уште ги негуваме позитивните аспекти од нашата историја.
„Конвенционално овој датум се третира како денот кога во 1941 година нашиот народ тргна во организирана борба против најдегерираниот облик на капитализмот – фашизмот. Но често се маргинализира фактот дека истовремено со борбата за потиснување на фашизмот се водеше и борба за укинување на класното општество, односно борба за воспоставување на ново социјалистичко општество“, стои во повикот за настанот.
Оттука, „Мугра“ ја користиме оваа прилика да го потенцираме тој аспект на Народно ослободителната борба, со што, велат од таму, ќе ги анализираат општествените контрадикции кои ги предизвикува современото класно (капиталистичко) општество, претпоставувајќи дека нивната ненадминливост во истото може да се препознае како ненадминливоста на тогашните контрадикции од кои произлегол мотивот за создавање на бескласно општество.
„Во таа насока ќе го проектираме инзвонредниот документарец ’Marx reloaded’ на познатиот британски теоретичар Џејсон Баркер, во кој преку призмата на актуелните радикални мислители се обидува да ги имплементира заклучоците на научниот социјализам врз современите општествени проблеми продуцирани од денешниот развој на капитализмот. Документарецот би требало да ги предизвика следниве прашања за дискусија: Дали живееме во револуционерно време? Дали денешните контрадикции на капиталистичкото општество се ненадминливи? Дали позициите на марксизмот се импликативни во политичкото дејствување денес? Дали е возможна нова револуција? Кои се денешните агенси за промена на општеството?“, стои во соопштението за настанот.