ДКСК: Приватниот ФБ профил на Билјана Ивановска е злоупотребен

Сподели

 

Државната комисија за спречување на корупцијата согласно своите надлежности постапува со ист пристап кон сите предмети. Целокупната стручност и расположливите капацитети се насочени кон утврдување на фактите и давање на соодветни препораки за натамошно постапување за сите предмети на кој работела Комисијата во овој мандат.

Сите предмети кои досега ги оформила Комисијата, се процесуирани согласно постоечката регулатива. Секогаш кога имало законска основа за препорака за понатамошно процесирање на одреден предмет, Комисијата ги проследила до надлежната институција која понатаму согласно своите ингеренции треба да постапува.  

Согласно природата на дејствување, Комисијата постапува по предмети од областа на корупцијата и судирот на интереси, области кои се поврзани со високи јавни функции. Тоа е често и причина да се преземаат јавни дејствија за дефокусирање на јавноста од одредени отворени предмети или теми, за да се искриви реалната слика и да се наруши интегритетот и кредибилитетот на одредени членови на Комисијата. На тоа сме сведоци и во моментот.

Имено во интерес на вистината ја информираме јавноста дека приватниот профил на социјалната мрежа Facebook на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска е злоупотребен. Одредени лица за нив познати цели злоупотебуваат семејни фотографии на Ивановска и со фотомонтажа се обидуваат да создадат невистинита слика во јавноста. Против нив Ивановска ќе поведе приватна постапка, имајќи предвид дека се работи за приватен профил.

Државната комисија за спречување на корупцијата и судирот на интересите, ќе продолжи да работи согласно своите надлежности и да постапува по ист принцип кон сите предмети. Ги повикуваме сите релевантни чинители во општеството да дадат свој придонес кон борбата против корупцијата и судирот на интереси бидејќи само со заеднички залагања можеме да имаме резултат.