ДКСК: Спорен е наодот на ДПИ дека Ректорот на УКИМ може да претседава со Сенатот

Сподели

 

При спроведен вонреден инспекциски надзор Државниот просветен инспекторат констатирал дека претседавањето на ректорот со Сенатот е во согласност со член 221 став 1 од новиот Закон за високото образование (Сл. Весник на РМ бр. 82/2018) каде е предвидено дека избраниот ректор, проректор, декан, продекан, член на сенат, односно директор и заменик директор на висока стручна школа, избрани пред влегување во сила на овој закон, продолжуваат да ги вршат своите функции до истекот на времето за кое се избрани.

На ова известување од ДПИ, реагираше Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) од каде соопштија дека е спорен наодот на ДПИ, во кој се вели дека Ректорот има право да претседава со Сенатот. Антикорупционерите посочуваат на новиот Закон за високото образование (член 96) и актуелниот статут на УКИМ (член 159), каде за прв пат се воспоставува нова функција – претседател на Универзитетскиот сенат, што само по себе не може да претставува никакво „стекнато право“ на ректорот како што е наведено во Известувањето на ДПИ до Министерот за образование и наука.

“Во оваа смисла, спорен е наодот на Државниот просветен инспекторат (ДПИ) дека „Ректорот има стекнато право кој го има стекнато при Изборот да преседава со Сенатот“.
Имено во Известувањето на ДПИ бр. 09-602 од 18.06.2020 година до Министерот за образование и наука во врска со извршениот вонреден инспекциски надзор, меѓудругото се наведува дека со Сенатот претседава ректорот, односно дека Универзитетот се уште нема избран претседател на Сенат, а ректорт ја врши улогата на претседавач на Сенат, при што ДПИ констатира дека тоа е во согласност со член 221 став 1 од новиот Закон за високото образование (Сл. Весник на РМ бр. 82/2018) каде е предвидено дека избраниот ректор, проректор, декан, продекан, член на сенат, односно директор и заменик директор нависока стручна школа, избрани пред влегување во сила на овој закон во сила на овој закон, продолжуваат да ги
вршат своите функции до истекот на времето за кое се избрани. Согласно ова, избраниот ректор продолжува да ги врши своите функции, меѓу кои и да свикува и да претседава со седниците на сенатот, како што е утврдено во член 54, став 1 алинеја 2 од стариот Закон за високото образование. Исто така во Известувањето се наведува дека во новиот Закон за високото образование, во Преодни и завршни одредби не е предвиден, односно не постои рок за избор на претседател на сенат.”

„Со самото тоа што постојниот ректор едновремено претседава со Сенатот, но исто така се јавува и како кандидат за ректор, тоа го доведува до состојба на потенцијален судир на интереси што реално може да влијае врз непристрасното преземање на дејствијата во постапката за избор на ректор и спротивставеност на личниот интерес со службените должности во услови на концентрација на надлежности. За таа цел, ДКСК ќе постапи согласно своите законски надлежности за утврдување на постоење на судир на интереси“ стои во соопштението на ДКСК.

Антикорупционерите укажуваат дека по завршување на вонредната состојба, веднаш започнуваат забраните предвидени во член 8а од Изборниот законик и во член 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со кои се забранува „да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи“.

„Во однос на постапката за избор на ректор, во член 97 од Законот за високото образование се уредува дека Ректорот ја врши својата должност професионално и своите права од работен однос ги остварува според договор склучен со Сенатот, што значи дека се работи за постапка за избор односно вработување, и согласно тоа постапката ќе треба да се стави во мирување до денот на завршувањето на изборот на пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија“ појаснуваат од ДКСК.

Во меѓувреме, УКИМ го прифати приговорот на професорот Петар Атанасов, кој се кандидира за ректор на универизтетот, со образложение дека професорот навреме ги доставил документите за кандидатура за ректор, а со неговиот приговор ја доставил и лозинката за заштитениот документ.

Во трката за ректор освен Атанасов се уште шест професори, меѓу кои: Јане Ацевски и Коле Василевски, двајцата од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и еноинжинер, „Ханс ЕМ“,Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, Вујица Живковиќ од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје, како и актуелниот ректор, Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет во Скопје.