Утре, 6 април, со почеток во 19 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одржи свеченото доделување на наградата „Пегаз“ за 2021 година и промоција на победничкиот роман – „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков.
На доделувањето на наградата ќе се обрати жирито во состав: проф. д-р Владимир Мартиновски (Катедра за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“), Фросина Пармаковска (писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2017 година) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“).
По врачувањето на статуетката на „Пегаз“ и обраќањето на Русјаков, ќе биде претставен првонаградениот роман „Хотел меѓу две војни“, чијашто промоторка ќе биде уредничката на изданието – Оливера Ќорвезироска.
„Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа (пред сè, многубројните војни од првата половина на ХХ век), судбините на Мустафа и Елени се прикажани преку вештите меандрирања помеѓу биографските факти и многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите.
Ова е трето издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината, што ја организира издавачката куќа „Арс Ламина“, во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности, „Славко Јаневски“.