Доделување на наградата „Пегаз“ за 2022 и промоција на победничкиот роман „Зелениот дворец“ од Сибо

Сподели

 

Свеченото доделување на наградата „Пегаз“ за 2022 година и промоцијата на победничкиот роман – „Зелениот дворец“ од авторот Сибо, ќе се одржат на 26 април (среда), со почеток во 19 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје.
 
На доделувањето на наградата за најдобар необјавен роман ќе се обратат членовите на жирито во состав: Владимир Јанковски (писател и добитник на наградата „Роман на годината“ за 2020 година), Елизабета Баковска (писателка и книжевна теоретичарка) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“), а промоторка на книгата ќе биде писателката Јана Мишо.
 
„Зелениот дворец“ е роман – временска машина низ историјата на градот Скопје и неговата трансформација во дваесеттите и во шеесеттите години на минатиот век, и во сегашноста.
 
Во фонот на урбанистичките промени на градот поттикнати од различни човечки и природни влијанија, Петар – средовечен маж и научник од совремието – се чувствува како да не припаѓа на времето во кое живее и доживува необични случки што го поттикнуваат да ја продлабочи идејата за постоење на паралелни универзуми. Привлечен од нејасна внатрешна сила, доаѓа до куќата-дворец во населбата Црниче во Скопје, изградена во дваесеттите години на 20 век на тогашната периферија на градот. Легендата вели дека таа куќа била опседната од духови и проколната, но за Петар ќе биде поаѓалиште кон неговото следно патување.
 
На четвртото издание на книжевната награда за најдобар необјавен роман на годината – „Пегаз“, што ја организираат издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, се пријавија и учествуваа 38 ракописи. Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција.
 
Покрај победничкиот роман, во најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2022 година беа разгледани и ракописите: „Писма од лудница“ од Срѓан Ивановиќ, „Мртва коска“ од Димче Парталоски и „Есента во животот на професорот по марксизам“ од Моџо Килингтон.
 
Романот „Зелениот дворец“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, наскоро ќе биде достапен во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk, а ќе може да се набави и на промотивниот настан во Младинскиот Културен Центар.