Договор за прекин на огнот на целата територија на Сирија

Сподели

Турското Министерство за надворешни работи денес објави дека завојуваните страни во Сирија се согласиле за прекин на огнот на национално ниво, кој треба да стапи во сила на 30 декември, на полноќ, по локално време (22.00 GMT), јавува Anadolu Agency (AA).

Министерството соопшти дека сирискиот режим и опозицијата одлучиле групите означени како терористички од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации да бидат надвор од договорот.

Во соопштението се додава дека Турција и Русија ќе бидат гаранти во поддршката на прекинот на огнот.

„Страните со овој договор се обврзаа да ги прекинат сите оружени напади, вклучувајќи ги и воздушните, и да се воздржат од проширување на териториите под нивна контрола, на сметка на другите“.

„Турција и Русија силно го поддржуваат и заеднички ќе го следат прекинот на огнот “, велат од министерството.

Во соопштението се додава дека Турција ќе продолжи со своите напори за обезбедување политичка транзиција во Сирија, врз основа на Женевската декларација и Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН.

Турција соопшти дека режимот на Башар ал-Асад и опозицијата наскоро ќе се сретнат во Астана, Казахстан, со присуство на земјите-гаранти, со цел да се преземат значајни чекори во насока на ревитализација на политичкиот процес раководен од ОН.

Министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу изјави на Твитер: „Ја поздравуваме согласноста постигната меѓу страните вмешани во конфликтот во Сирија, во однос на прекинот на огнот на целата територија на земјата“.

Во меѓувреме, сириското Министерство за одбрана истакна дека Генералната команда на вооружените сили на режимот соопштила дека ќе се придржува кон тоа сеопфатниот прекин да започне на полноќ, со исклучок на ДЕАШ и Џабхат Фатах ал-Шам (порано фронт Ал Нусра).

„Овој потег има за цел да се создадат поволни услови за поддршка на политичкиот курс на кризата во Сирија“, се додава во соопштението на сириската војска.