Постигнатиот договор не е нешто спектакуларно за кој би требало да се радуваме, од причина што допрва ќе треба да видиме како тоа ќе се спроведува во праксата. Сите сме сведоци и имаме искуство со убаво напишани договори, но проблемот е во имплементација на договореното од страна на некредибилните лидери на политички партии. Единствено се задоволни или пак глумат задоволство само потписниците на договорот, од причина што мора така да се однесуваат пред своето членство и да глумат победници. Се покажа дека не само лидерите на четирите политички партии туку и меѓународната заедница немаше слух за граѓанскиот сектор, кој од ден на ден станува се` посилен, погласен и поавторитетен кај домашната јавност. Поучени од недоследноста односно од неисполнување на договореното, гарантите на договорот од Пржино, САД и ЕУ, сега направиле чекор понапред во обидот да се врати договорот од Пржино во живот како и да ги превенираат сите евентуални недоследности на лидерите. Па така ја зајакнале позицијата на СЈО, односно се осигурале дека тоа непречено ќе работи без разлика каква одлука ќе донесе Уставниот суд. Не ми е јасно зошто никаде не е споменато специјалното оддделение на кривичниот суд, или пак тоа е можеби оставено да се реши со интерен акт на судот. Но, сепак без такво одделение ќе тапкаме во место со понатамошно процесирање на започнатите и постапките кои ќе отпочнат во иднина. Доста контрадикторно и дискутабилно, суспензијата до 1. јануари 2017 година на Законските решенија донесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кои се однесуваат на министерството за внатрешни работи, наместо целосно да се укинат овие измени и дополни. Од друга страна без закон туку со договор му се ограничува правото на министерот за внатрешни работи во делот на кадровските промени кои се лимитирани до 15 лица на раководни позиции и можност на десет проценти од бројот на хоризонтални поместувања, кој актуелната власт ги направила од 2013 и 2014 година. Ова е навистина сериозно девалвирање на функцијата Министер за внатрешни работи. Не ми е јасна улогата на ад-хок тело за мониторирање на медиумското известување, наспроти Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Ова ми наликува на двоен мониторинг над известувањето и не знам како и какви препораки ќе дава тоа ад хок тело на Агенцијата? Секако дека е добро што казните за медиумите се намалени, и во игра остануваат 100 дена за Владата која ќе треба да ги спроведе изборите, како и стапување на должност на новиот уредник на јавниот сервис. Исто така, за мене нема логика веднаш по завршувањето на изборите да прекине со работа владата која ќе ги спроведе изборите и во меѓувреме до изборот на нова влада да имаме некоја преодна влада во која министер за внатрешни работи би бил од ДУИ. Не ми е јасна логиката на прејудицирање на нештата во овој сегмент. Без разлика што се ставени датумите за реализација на преземените и договорени обврски, имајќи ги во предвид досегашното однесување на лидерите на партиите на власт, сметам дека преземените обврски до 31 август тешко ќе се имплементираат во пракса и секако дека е отворена можноста за повторна манипулација од страна на самите лидери во зависност од нивната позиција и рејтинг во јавноста.