Министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Никола Димитров и Екатерина Захариева, во присуство на премиерот Бојко Борисов, ги разменија ратификационите документи на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и го потпишаа Протоколот за нивната размена, со што Договорот стапи во сила, информираа од МНР.
– “Мислам дека со овој пример, во кој за неколку месеци успеавме еден ваков пресврт да направиме, даваме на некој начин и надеж и храброст дека Балканот е Европа. И се надеваме дека оваа позитивна енергија ќе ги зарази и другите прашања кои што се уште не се затворени” – рече Димитров.
Захариева истакна дека резултатите од овој Договор се видливи уште пред да стапи во сила.
– “Резултатите од Договорот се видливи, раст на стоковата размена од 11 и на туризмот од 10 проценти” – изјави Захариева.
Според бугарскиот премиер Борисов, овој пример треба да го следат сите на Балканот.
– “Ако Скопје и Атина бидат храбри, а нашите пријатели Ципрас, Мицотакис и Заев најдат заедничко решение за спорот со името во наредните месеци, нештата ќе се развиваат во многу добра насока за сите. Ние сега можеме да стискаме палци за да се реши спорот. Бугарија ќе биде само конструктивна” – рече Борисов.
Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, во Собранието на Република Македонија, беше ратификуван на 15 јануари 2018 година, и во Националното Собрание на Република Бугарија на 18 јануари 2018.