Домашно куче претепано до смрт

Сподели

Тор беше младо, мирно и сакано куче, чиј живот е одземен намерно, на брутален начин. Ова зрнце и радост од куче беше осакатено со удари од тврд предмет по глава, тепан крвнички без причина и оставен да страда со страотни болки и повреди. И покрај сите напори на сопственикот и ветеринарите, животот на Тор не беше спасен и тој почина од скршен череп.

Сопственикот на кучето поднел пријава до СВР Свети Николе, посочувајќи осомничено лице кое претходно се заканувало, но пријавата не беше земена со доволна сериозност, а до денешен ден не е извршен распит со посоченото лице. Прашуваме, кому и зошто да пријавуваме ако институциите кои треба да го штитат правото на живот ги игнорираат ваквите случаи на насилство врз животни?

Насилството врз животните е сериозен проблем и бара поголема одговорност од страна на институциите. Потребно е да се обезбеди правда и да се спречат слични инциденти во иднина. Сопственикот на Тор бара одговорност и темелна истрага, и тој во ова барање не е сам, но останува прашањето зошто одговорните институции не постапуваат со доволна сериозност и брзина.

Секое насилство, без разлика дали е насочено кон луѓето или животните, мора да се третира со највисока сериозност и да биде препознаето и санкционирано согласно со закон. Ваквата суровост не произлегува од стабилна и социјално подобна личност, туку од социопатски и садистички поединци, непресметани, опасни по сите. Потребно е целосно внимание на оваа проблематика од страна на институциите, како и превенција, истраги и најстроги казни за тие што се одговорни. Потребно е итна промена на Кривичниот закон и зголемување на казните за мачење и убиство на животните.

Правда за Тор и никогаш, никаде, ниту едно друго животно да не ја доживее неговата судбина, апелираат од Анима мунди.