Денеска во касарната „Илинден“ во Скопје, беше извршено примопредавање на донација од дронови, средства за врски, ноќни визири и интендантска опрема од Република Турција за потребите на специјалните единици на Армијата на Република Северна Македонија.
На примопредавањето на донацијата се обратија началникот на Генералштабот на Армијата, генерал – мајор Сашко Лафчиски, министерот за одбрана, Владо Мисајловски и амбасадорот на Република Турција, акредитиран во нашата земја, Фатих Усулој.
Началникот на Генералштабот генералот Лафчиски своето обраќање го честиташе националниот празник – Денот на победата и Денот на Вооружените сили на Република Турција и ја истакнаа важноста на донацијата изразувајќи благодарност до Република Турција за поддршката при градењето на армиските капацитети.
„Континуираната помош која ја добиваме од Република Турција во градењето на нашите одбранбени капацитети е од исклучително значење за нас. Денеска со оваа донација за нашиот баталјон за специјални сили која вклучува дронови, средства за врски, ноќни визири и интендантска опрема, го потврдуваме успехот на нашата билатерална соработка “ рече генералот Лафчиски.
Министерот, Владо Мисајловски истакна дека денешната донација е прикажување на сојузништво и пријателство на дело и е резултат на меѓусебна посветеност видлива повеќе од три децении.
„Донацијата од Република Турција уште еднаш го докажува вистинското и трајно пријателство меѓу нашите народи. Во име на македонскиот народ и Армијата му благодарам на турскиот народ и држава за оваа донација која ќе овозможи јакнење на капацитетите на нашата Армија, а со тоа и јакнење на мирот, безбедноста и стабилноста на Алијансата “, истакна министерот Мисајловски.
Министерот посочи дека Турција е наш докажан пријател и партнер и дека нивната поддршката значително придонесе за модернизација и опремување на македонската Армија со нова најсовремена опрема согласно НАТО стандардите.
Обраќајќи се пред присутните, амбасадорот Усулој посочи дека односите помеѓу двете држави својата сила ја црпат од длабоко вкоренетите историски, културни и меѓучовечки врски и дека воената опрема која се донира не претставува само еден грант туку е симболичен знак на поддршка во насока на зајакнување на одбранбените капацитети на Северна Македонија.