Донацијата на техничка опрема за МВР од ОБСЕ

Сподели

 

Денеска во Полицискиот центар за обука „Идризово“, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која ја промовираа новата компјутерска опрема вредна околу 95 илјади евра, која се состои од лаптоп компјутери и техничка опрема кои ќе помогнат во унапредувањето на онлајн-наставата и учењето наменета за Центарот за обука на МВР.

 

 

„Изминативе години Мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија преку директна, активна партиципација во проекти од полициското и институционалното работење на Министерството се етаблираше како наш исклучително важен и лојален партнер со кој минавме многу етапи од реформскиот развој на македонската полиција. Исклучително ме радува фактот што заеднички реализиравме многу успешни проекти во речиси сите области клучни за квалитетното и ефикасно полициско и безбедносно функционирање, почнувајќи од креирање и стандардизирање на нормативни основи и рамки, преку организационо-оперативното реструктуирање, па сѐ до техничко и образовно модернизирање и сообразување на Министерството, согласно потребите на актуелните општествени, регионални и глобални предизвици и трендови“, потенцираше министерот Спасовски во своето обраќање пред присутните.

 

 

Министерот Спасовски истакна дека заедничката цел како зајакнување на институционалниот капацитет и ефикасност на МВР за спроведување на стратешки реформи, зголемување на професионализацијата и подобрување на полициското образование и обука денес добиваат силен аргумент и потврда.

„Денеска Министерството за внатрешни работи, односно осумте сектори за внатрешни работи како и четирите регионални центри за гранични работи добиваат вредна техничка донација за опремување на 12-те регионални едукативни кабинети за онлајн-учење, со што заедно со мисијата на ОБСЕ го заокружуваме тригодишниот процес на формирање  компјутеризирани училници во секој од секторите за внатрешни работи, како и во регионалните центри за гранични работи што ќе бидат поврзани со идентична таква училница во Центарот за обука, а сето тоа во рамки на концептот за мешан пристап на учење кој ги обединува обуките во училица и онлајн учењето. Со денешнава донација на нашите пријатели – Мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија– вредна речиси 95 илјади евра практично ни се овозможува да продолжиме ги јакнеме капацитетите во создавање неопходни рамковни услови и обезбедување техничка опрема за полицискиот децентрализиран систем за обука, преку интегрирањето на Е-учењето во својот систем за обука, приближувајќи се така уште еден чекор поблиску до новите модерни трендови и стандарди на полициското функционирање“, посочи министерот Спасовски.

 

 

Тој на крај уште еднаш ја потенцираше важноста на соработката со ОБСЕ во следниот заеднички чекор Стратегија за обука и развој на вработените во МВР 2022-2024 и уште еднаш се заблагодари на мисијата на ОБСЕ за доследната кооперативност.

Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која во своето обраќање истакна дека Мисијата на ОБСЕ долго време е еден од најблиските партнери на МВР во градењето на неговите капацитети и дека веќе од 2018 година, со одлука на министрите за надворешни работи, ОБСЕ како партнер се вклучува и во дигитализација на обуката на МВР.

„Пандемијата со Ковид-19 креираше нужна и итна потреба за развој на онлајн-учењето и обуките. Иако онлајн-учењето бара инвестирање во старт, сепак, во иднина ќе креира и заштеда на време и трошоци, а ќе стимулира и нови начини на учење и професионална автономија во работењето“, истакна амбасадорот Која.

 

 

Според амбасадорот на ОБСЕ, Стратегијата за обука, развој и градење на капацитетите на МВР 2022-2024, која беше донесена ова лето, го надградува системот на обука и учење и го планира развојот на новиот систем на дигитално и онлајн учење.

„За да осигураме одржливост во потребите за учење и унапредување на полициските капацитети со дигитално учење, нашата поддршка ќе продолжи и во следните години. Со дополнителни средства планираме да отвориме повеќе тренинг соби или да создадеме врвна техничка училница овде во Тренинг центарот во Идризово“, финализираше амбасадорот Која.