Државниот архив, во соработка со “Британската библиотека”, во наредните две години ќе го дигитализира целокупниот материјал и заоставштина на браќата Манаки.
Проектот за соработка со “Бритиш лајбрери” и за дигитализација на целокупното творештво на браќата Манаки, веќе е потпишан од страна на директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески, а разбирливо, овој проект главно ќе го води екипа на Државниот архив – одделение Битола, предводена од раководителот, Гоце Стојановски.
“Во Договорот, меѓу другото, се потенцира дека главна цел е комплетната дигитализација на документите и фотографиите на првите филмаџии на Балканот, Јанаки и Милтон Манаки. Материјалите се наоѓаат во Државниот архив – одделение Битола, кое главно ќе ја спроведе целосната дигитализација.
Во Државниот архив имаме над 7.000 стаклени негативни плочки, над 3.000 ролни филмска лента и над 10.000 оригинални фотографии од крајот на 19-от век, па се до смртта на Милтон во 1964 година. Оваа наша збирка на фотографии и филмски материјали е една од најзначајните на Балканот“ – изјави директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески.