Државниот инспекторат за труд донесе 37 решенија со кои на работа се вратени 140 лица

Сподели

 

Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска на денешната прес-конференција во Владата ги презентираше наодите од шест инспекциски служби во надлежност на Советот, коишто во периодот од 22 март до 26 април имаат извршено 2.273 надзори, со цел да гарантираат целосно почитување на одлуките, мерките и препораките на Владата за заштита од коронавирусот КОВИД-19.

„Станува збор за обемен ангажман на инспекторите, а сите овие контроли имаат двојна функција, од една страна тоа се заштитата на правата на граѓаните и од друга страна надзор на целосното спроведување на мерките и препораките на Владата за заштита и превенција од ширење на коронавирусот КОВИД-19. Инспекторите и понатаму продолжуваат со професионалниот пристап и посветеност во својата работа за заштита на сите граѓани“, потенцираше претседателката на Инспекцискиот совет.

Државниот инспекторат за труд, во насока на заштита на работничките права, реализираше вкупно 437 контроли при што е поднесена една кривична пријава, донесени се 10 решенија и 28 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата, кажа Филиповска-Грашкоска.

 

 

„Во овие вонредни услови со цел да гарантираме максимално почитување на мерките и препораките од Владата инспекциите работат на терен со полн капацитет. Тука сакам да истакнам дека Државниот инспекторат за труд веќе има издадено 37 решенија, за 28 фирми со што на работа се враќаат 140 вработени кои неправично добиле откази. Им благодарам на сите инспекторати, кои својата работа ја извршуваат со полна професионалност. Контролите продолжуваат, будно ја следиме состојбата и секое прекршување на правата на граѓаните ќе биде санкционирано“, нагласи директорот на Државниот инспекторат за труд, Хавзиу.

Претседателката на Инспекцискиот совет посочи дека во овој период, најбројни се контролите направени од Државниот пазарен инспекторат, вкупно 1.441, во трговски објекти на големо и мало во кои спаѓаат и угостителски објекти, аптеки, бензински станици, банки и пошти. При овие контроли, во најголем дел од случаевите извршена е контрола во однос на поставување ред и дисциплина при влез и во внатрешноста на објектите  и проверка на почитувањето на уредбата која се однесува на замрзнатите цени на одредени производи, во висина на цените од 11 март.

„Државниот пазарен инспекторат постапуваше по утврдените неправилности и притоа се затворени вкупно 9 угостителски објекти во Тетово и Гостивар, додека во Скопје и Тетово се запечатени 18 кафемати. При контролите извршени во Охрид, воочено е непочитување на одредбата за носење на маски во 8 објекти и по истото е веднаш постапено, издадена е наредба за повлекување на дезинфекциски средства во еден објект и постапено е по пријави за променети цени во 4 трговски објекти во малопродажба“, кажа Филиповска-Грашкоска.

Агенцијата за храна и ветеринарство, исто така, активно спроведуваше надзори во повеќе градови низ државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти и зелени пазари. Реализирани се 201 надзори во повеќе градови низ државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти, зелени пазари. При тоа е издаден еден прекршочен платен налог поради немање услови за одржување на хигиена при манипулација со храна, изречени се вкупно 5 казнени мерки едукации поради неспроведени обуки за основни знаења за  безбедност на храна, немање на пишани процедури или неводење на пишани записи. Исто така, издадени се и вкупно 8 решенија за констатирана лоша општа хигиенска состојба или неводење на записи за ДХП.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат, покрај активностите кои подразбираат решенија за здравствен надзор и домашна изолација на лица кои биле во контакт со позитивен на КОВИД-19 и решенија за лекување и изолација на лица кои се позитивни на КОВИД-19, спроведе вкупно 108 надзори во субјекти во нивна надлежност, односно во приватни и јавни здравствени установи, како и домови за стари лица, а во врска со почитување на протоколите за заштита на медицинскиот персонал за прием и постапување со инфицирани пациенти од коронавирусот КОВИД-19. Исто така, во овој период издадени се 385 дозволи на транспортери професионални возачи.

„Државниот инспекторат за транспорт во периодот од 22-26 април направи вкупно 56 надзори. При тоа констатира дека меѓуопштинскиот сообраќај е речиси целосно редуциран, односно неговиот интензитет е намален за околу 95% и продолжува да се редуцира. Меѓуградските линии Скопје-Куманово и Скопје-Тетово се во целосен прекин. Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД во периодот од овие пет дена изврши вкупно 30 контроли. При тоа е констатирано дека нема специфични отстапувања“, додаде претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска.