Демократскиот сојуз смета дека во Собранието има мнозинство пратеници кои можат да донесат одлука за распуштање на Парламентот, со што ќе се создадат услови за одржување на вториот круг претседателски и парламентарни избори во ист ден.
Од 13 март 2024 година, почнуваат уставните и законските рокови за одржување претседателски избори, при што парламентарните партии кои можат да формираат мнозинство за распуштање на Парламентот треба да го утврдат изборниот тајминг.
По катастрофалниот Извештај на Европската Комисија и колапсот на владините институции, дуизацијата и криминализацијата на државата, сосема е извесно дека Владата нема легитимитет и натаму да владее. Натамошното опстојување на Владата под водство на ДУИ го загрозува единството и националните интереси на Македонија, сметаат од Демократскиот сојуз.
Ја поздравуваме најавата на Алијансата на Албанците дека не сака и натаму да биде „патерица на ДУИ“ и се приклучува на определбата на опозиционите партии за што е можно побрзо паѓање на актуелната Влада и организирање избори.
Се покажа дека ДУИ и СДСМ ниту се за ЕУ, ниту за реформи, туку со манипулациите за уставни измени купуваа време за да владеат. Со измените на Кривичниот законик го урнисаа правниот поредок и обезбедија амнестија на сите оние што досега го направија грабежот на граѓаните кој се проценува на над 10 милијарди евра во последните дваесетина години. За да има одговорност и коренити реформи мора да има промени.
Само чесни кадри со знаење и државничко искуство можат да воспостават систем на владеење на правото, да ги заштитат националните интереси и да отворат перспективи за развој, се наведува во денешното соопштение на ДС.