Централниот совет на Демократскиот сојуз денеска одржа седница на која се расправаше за актуелната политичка состојба во Македонија, како и за приоритетите во наредниот период.
Демократскиот сојуз смета дека транзицијата на власта се одвива согласно програмските определби на Владата. Притоа се забележува засилен фокус врз справувањето со проблемите и дубиозите што ги остави претходната власт, почеток на расчистување на криминалните афери поврзани со неа, економска стабилизација како основа за натамошен економски развој и привлекување странски инвестиции, засилена дипломатска активност за откочување на европските интеграции со заштита на македонските национални интереси.
Во наредниот период, Демократскиот сојуз смета дека приоритет треба да имаат следните чекори:
Прво, коренити изборни реформи, Македонија да биде една изборна единица и да се укине таканаречаната „Пржинска влада“.
Второ, реформи на судскиот систем преку уставни измени, ограничување на мандатот на судиите на пет или седум години, бришење на уставниот амандман за неодговорност за одлуките што ги носат судиите, воведување на институт „сослушување“, при селекцијата на судии и јавни обвинители. Мора да се изградат контролни механизми без да се наруши независноста на судската власт.
Трето, да продолжи неселективната борба против тешките облици на криминал и висока корупција и да се формира независна Агенција за борба против криминалот, како гаранција за одржливост и ефикасност на системот.
Демократскиот сојуз ги започна подготовките за локалните избори, при што партиските ограноци треба да ги евидентираат проблемите и потребите на граѓаните, врз основа на што ќе се подготви изборна програма.
На седницата, Зоран Димитровски е избран за генерален секретар на Демократскиот сојуз. За потпретседатели на Демократскиот сојуз се избрани Зоран Петров, Весна Стоименовска-Атанасов и Верица Филиповска-Нешевска, која ќе раководи со Економско-правниот совет.
За членови на Претседателството на Демократскиот сојуз се избрани: Владимир Кроневски, Борче Јакимовски, Даниел Ефтимов, Дејан Богоески, Елизабета Стефковска, Дејан Наумовски, Емил Димитровски, Игор Трајковски, Јасна Саздовска, Панче Стојановски, Славчо Јовановски, Елисавета Јаневска, Жаклина Савевска, Трајче Грков, Сузана Постоловска, Влатко Данев и Богоја Петровски.
На седницата присуствуваа членови на Централниот совет, претседатели на општинските организации на ДС, како и голем број на активисти на ДС.