Демократскиот сојуз смета дека во Македонија е извршен државен удар, кој и натаму трае и се друго е театар на апсурдот вклучително и репликите во Парламентот.
Доколку партијата (ВМРО ДПМНЕ) која нема мнозинство и натаму владее и спречува мнозинството од 67 пратеници да избере Влада на Република Македонија, повеќе од јасно е дека се работи за класичен државен удар кој ги има сите полуги да ја држи Македонија во заложништво со тежок и неизвесен расплет.
Најавите за тоа дека Македонија ќе ја брани народот, дека за таа цел веќе се формирани параполициски сили, тројки и слично, се пропаганден арсенал кој треба да ги плаши граѓаните и парламентарното мнозинство.
Мнозинството и натаму бара мирен, демократски и Уставен излез од кризата, но грабежот и диктатурата продолжуваат.
Во вакви услови, кога државниот удар го одржуваат пратениците од ВМРО ДПМНЕ, мора мнозинството да одговори соодветно и седницата на Парламентот да продолжи се додека не се избере претседател на Парламентот и Влада на Република Македонија.
Работата на Парламентот не смее и не може со сила да биде блокирана.
Парламентот мора да се заштити и тука одговорноста е и на силите за безбедност, но и на граѓаните кои во корен треба да ги сосечат идеите за насилство.
Очекуваме пучистите мирно да се повлечат и да овозможат мирен и демократски трансфер на власта.
Само одговорноста и разумот се гаранција дека Македонија ќе опстои како суверена, самостојна и унитарна држава и ќе започне стабилизација на истата , а животот полека ќе се нормализира.