Дури 315 снимки и СМС-пораки во доказите на СЈО за „Траекторија“

Сподели

Вкупно 315 снимки од прислушувани разговори и СМС-пораки се дел од доказниот материјал на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во случајот „Траекторија“, соопшти на денешното рочиште специјалната јавна обвинителка Лиле Стефанова.

Најголем дел од тие снимки не се пуштени во јавност.

Во овој случај, околу договорите за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, обвинети се поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ во заминување, Никола Груевски, и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, како и поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Груевски е обвинет за примање награда за противзаконито влијание, а другите тројца за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Адвокатот на Јанакиески, Боро Тасевски денеска побара да ги добие снимките, но и СМС-пораките во аудио – форма, за да можат да ја подготват одбраната. Истото потоа го побараа и другите адвокати на одбраната, темелејќи го барањето на одлука на скопскиот Апелациски суд – снимите во аудио-форма да се користат како доказ во судењето.

Стефанова реагираше на тоа, велејќи дека СЈО ги доставило сите докази до одбраната. Што се однесува до аудио – снимките, Стефанова наведе дека тие се доставени само до судот и можат да се слушаат само таму, поради опасноста да бидат размножени или да се додаваат содржини во овој доказен материјал.
Претходно, адвокатот на Груевски, Димитар Дангов, побара да се прекине рочиштето бидејќи двете камери со кои се снима и начинот на водење на записникот било спротивно на закoнот за кривична постапка, оти не влегува во АКМИС-системот. Судијата Горан Бошевски го одби ваквото барање како неосновано, велејќи дека рочиштето според законот се снима визуелно – тонски, а записникот се води дактилографски.

meta.mk