ДВЕ МАКЕДОНСТВА – Александар ЛИТОВСКИ

Aлександар Литовски
Сподели

 

Последниве месеци, многу се зборуваше, пишуваше, та дури и се врескаше за некаково македонство, за „заљубеноста“ во Македонија, за патриотизмот. Но, наспроти тоа, добро е да се има предвид дека и македонството, и Македонија, не се монолитни и еднозначни. Има разлика, на пример, меѓу моите сфаќања и разбирања на тие термини, и оние на денешниве десничарско-фашистички експоненти. Или, има разлика меѓу „македонството“ на Тодор Александров и македонството на Јане Сандански. Ете, и двајцата се по потекло од Македонија. Едниот е раководител на ВМРО, а другиот, без никакви дилеми, меѓу најзначајните македонски револуционери. Едниот бил во служба на бугарскиот царски двор, а другиот бил убиен по нарачка на тој царски двор. А тоа нарачано убиство било реализирано преку наредба и во организација на оној првиот „Македонец“. Денес, по логиката на „македонството“ на портокаловите малоумници, може со помош на ревизионистичка алхемија, на вакви историски факти да им се одземат нормалните значења и, апостериорно, да се измират убиецот и убиениот, врховизмот и изворната македонска револуционерна борба. Моето, пак, македонство вели дека Тодор Александров е исклучително штетен феномен во македонската историја, а дека неговата врховизирана ВМРО е паразитско и ренегатско движење во корист на големобугарската политика кон Македонија. Јасно е: ова значи дека коренито, фрапантно, непомирливо, се разликувам со моето антифашистичко македонство од „македонството“ на бугароманските портокалови националшовинисти.

За да биде ова уште појасно, морам да кажам неколку зборови за она што се детерминира како „единствен македонски народ“ низ историјата. Нашиот шуплив национализам, во својата панегирична реторика, зборува дека македонскиот народ од најдамнешни времиња бил населен од Шпанија до Индија, односно нашите Македонци, нашите високо културнопросветени прадедовци имале развиено голема култура околу Јонското, Јадранското, Средоземното и Црното Море; зборува за употреба на македонскиот јазик дваесет и повеќе илјади години пред новата ера; зборува за Македонија како „библиска земја“; зборува за чистата македонска крв; зборува за потребата од македонско национално единство; зборува за наводна загрозеност на „името“ и „идентитетот“; зборува за опасноста да се загуби целоста на државата… Малку е да се каже дека сЕ тоа се само обични националистички бладања кои немаат врска со историјата и стварноста. Тие квазипатриотски позиции, всушност, немаат врска со здравиот разум.

Значи, десничарскиот национализам воопшто не ја гледа канцерогеноста и анемичноста на сопственото исчашено и неодржливо „македонството“, туку зборува за „крвта што врие во жилите македонски“, за „враќање“ на „сјајот на Империјата на Александар Македонски“, за тоа дека „Бог го одбрал македонскиот народ“, за некакви оксиморонични и антиномични „славни илинденски порази“… Сите оние кои не се согласуваа со ваквото рахитично десничарско „македонство“, сите оние кои „не сакаа да разберат“ дека субвенционирањето со огромни парични средства на истакнатите портокалови естрадни уметници е „родољубие“, сите оние кои не го поддржуваа организираното криминално-злосторничко портокалово здружение кое десет години ја држеше сета власт во македонската држава, сите тие се сметаа за „предавници“ или, во најблагопријатната варијанта, како „мали Македонци“.

Живееме под императивот на ваквите фетишизирани фашизоидни идеи и, тешко беше, и, сe уште, е тешко, на јавна сцена, да се проговори против ваквиот националистички дискурс. Но, едноставно речено, мора да се објасни и предупреди оти вистинското македонството пред нашите очи малку-по-малку се заменуваше со лудачки фашизоиден национализам или со бугароманство, умираше и исчезнуваше, а нашите забегани десничарски илузионисти му пророкуваа светла иднина и, истовремено, сосема демохристијански и православнохристијански во дружба со највисокиот црковен клер, во негово име остваруваа баснословни профити преку бандитски криминал, или разни софистицирани финансиски шпекулации. Оттука, нашата македонска состојба е толку нездрава, и во дневнополитичка смисла, и во идејно-историска смисла, што е крајно време да се јават лекари кои ќе оперираат без да имаат и најмали дилеми дали сме болни и дали треба да се отстрани заболеното, канцерогеното и скапано ткиво, а сe` со цел пациентот да оздрави и да продолжи нормално да живее.