ДВИЖЕЊЕ КОН ПЕКОЛОТ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Денеска, човештвото, па и ние, се движиме по едена страшна инфернална геополитичка траекторија, преполна со огромна маса од апокалиптични настани, кои во својата динамика забрзано се запатиле кон една нова брутална „Студена војна“ и, многу веројатно, не само што ќе бидат хаотични, сурови и неправедни, туку ќе бидат и животоопасни за луѓето и планетата Земја.

Александар Литовски

Знаете, Данте Алигиери не бил во пеколот, ама, сепак, го опишал толку „пеколно“, што до денес живее од неговата поема, а ние кои ги проживеавме триесете последни години во нашиот пекол, многу веројатно и понатаму ќе продолжиме пеколните години да ги живееме до недоглед. Поупростено кажано, со хазардерската геостратегија на Вујкото Сем и со, скоро, ненадминливиот дилетантизам на нашата политика, тешко дека ќе успееме да се извлечеме од нашиот цивилизациски Тартар, во кој нè втурнаа кон крајот на минатиот век.

Во нашето триесетгодишно движење кон пеколот, треба да се одбележи срамната неморална улога на нашите самодекларирани „слободни и независни мислители“, кои се платени јавно, од, легални, полулегални и илегални западни фондови и фондации, а чија задача беше и сè уште е ширење на антикомунизам и уништување на националниот супстрат. Овие вообразени хиени, вгнездени низ државно-политичката бирократија, низ сите медиуми и низ сите универзитети, активно се вклучија во тајкунската крстоносна војна против социјализмот, комунизмот, антифашизмот и хуманизмот, карактеризирајќи ги како нихилизми кои ја уништуваат „демократијата“ и пазарната економија. Имено, и граѓанско десните, и граѓанско левите медиуми, како и сите наши „професионални“ бранители на неправдата и нееднаквоста, сите тајкуни, грофови, земјосопственици, банкари, бирократи-менаџери, недоучени професори заседнати во убавите кожени факултетски фотелји, мнозинството од квазиписателите, филозофите и инженерите, сите ситни, средноголеми и крупни буржуи, значи, сета таа збирштина од експлоататорски паразити и полулуѓе, беше и е согласна и едногласна дека социјализмот, еднаквоста и праведноста треба да се уништат, дека приврзаниците на тие идеи спроведуваат „уличарски политики“ кои во крајна линија се политички „криминал“, преку кој насилно треба да им се одземат „чесно“ стекнатите азна на малите и големите „Рокфелери“ и истите да им се распределат на сиромасите и неимотните. Сите тие, и мрмореа, и зборуваа, и врескаа дека нужно и засекогаш треба да се погребаат анархизмот, комунизмот и социјализмот, кои со својот наводен нихилизам и негирањето на потребата од приватна сопственост и религијата, ја уништувале и, ако имаат шанса, повторно ќе ја уништат – „цивилизацијата“. Онаа „цивилизација“ која со векови ги „култивираше“ Африканците и Индијанците, онаа иста „цивилизација“ која ги изведе Хирошима и Нагасаки, онаа „цивилизација“ која секојдневно испраќа луѓе во смрт заради глад… Ваквата профана апологетиката на лагата, глупоста и криминалот беше и е, исто така, одвратна и антиразумска како и секој друг религиозен ритуал. А попатно кажано, но сепак во контекст, ваквата стварност која ја живееме и реалната дистописка визија на „храбриот нов свет“, го промовираат Олдус Хаксли во – голем пророк!

На удар на овие апостоли на глобализмот, во најново доба, се најдоа и националната посебност и националната гордост кај малите народи, кои се сфаќаат како пречка, или барем како ограничувачка бариера во ширење на корпоративната доминација и корпоративното безмилосно експлоатирање на луѓето и природните ресурси. Секако, вакви „модернисти“, „постмодернисти“, „европејци“ и „антинационалисти“, во голем број се окотија и кај нас. Всушност, се работи за онаа иста квазилиберална „елита“ од „зависни и независни интелектуалци“, кои својот антикомунистички фронт, го надградија и проширија со антимакедонизам. Актуелната големобугарска антимакедонска хистерија, на овие наши евроатлански инквизитори им дојде како поттик да ги „аргументираат“ и уште позасилено јавно да ги бладаат своите приглупи и крајно неиздржани тези против Македонија и посебниот национален идентитет на македонскиот народ. Во оваа светлина, а ако е вистинита Ренановата дефиниција дека „народноста е секидневен плебисцит“, сите оние наши слободољубиви и национално свесни граѓани ги очекуваат големи искушенија, големи напори, големи борби за да преживеат во „македонскиот дел од пеколот“, што значи да си го зачуваат својот морал и достоинство, да си ја зачуваат сопствената народноисториска стварност и, во крајна линија да го одбранат и зачуваат сопствениот македонски национален идентитет.