DW: Алтернативната нобелова награда за храбри активисти

Сподели

0-18752467_303-00

Пред војната во Сирија, работеле како пекар, шивач или учител. Денес тие пружаат прва помош во воените региони: Белите шлемови од организацијата „Сирија цивил дифенс“. Нивните бели шлемови станаа симбол на надежта во воените урнатини. Сеедно кој фрла бомби во Сирија, околу трите илјади припадници на Белите шлемови-доброволци, бараат преживеани во рушевините, пружаат прва помош и ги носат жртвите во болница. Често тие се единствените помагачи во местата каде структурите за помош веќе одамна се распаднати, пренесува Дојче веле.

„Жирито ги наградува Белите шлемови од Сирија за исклучителната храброст, нивното сочувство со луѓето и хуманитарниот ангажман, за спасување на цивили пред уништувањата предизвикани од војната“, вака Оле фон Јукскул од фондацијата за доделување на Алтернативната нобелова нагарада ја образложи аргументацијата за изборот.

Вториот носител на наградата оваа година е египетската феминистка Мозн Хасан и нејзината организација „Назра“, која „во времиња на континуирано насилство, злоупотреба и дискриминација, се залага за правата на жените“, стои во одлуката на жирито. Мозн Хасан во јуни сакаше да учествува на конференција за човековите и правата на жените во Бејрут, но беше спречена да го напушти Каиро. Актуелното обвинение против неа гласи – примање странски пари и загрозување на „националната безбедост“.

Белите шлемови во Сирија се активни во спасување луѓе

Обвинение за државен непријател

И третата носителка на наградата живее опасен живот: руската активистка за човекови права Светлана Ганушкина со години преку својата организација „Граѓанска помош“ се бори за мигрантите, бегалците и етничките малцинства. „Граѓанска помош“ преку своите 50 канцеларии низ целата земја им пружа поддршка на луѓето кои во Русија се изложени на самоволието на судовите. Само за мигрантите оваа организација лани спровела околу 20.000 консултации. Постапка за протерување во Русија во просек трае околу три минути, објасни Ганушкина во интервју за германското „Дојчланд радио“. Работата на Светлана Ганушкина во иднина веројатно ќе биде уште поотежната. Против неа е покренато обвинение за примање финансиска поддршка од странство за нејзината организација и за активност како странски агент.

Светлана Ганушкина

Со обвинение за ангажман во својство на државен непријател на својата земја за сметка на странски сили е соочен и турскиот весник „Џумхуриет“. „Ја доделуваме наградата на турскиот весник ’Џумхуриет’ за неговото бестрашно истражувачко новинарство. Без оглед на притисоците, цензурата, апсењата и смртните закани, весникот се залага за слобода на мислењето и на печатот“, гласи образложението на жирито.

Турскиот весник „Џумхуриет“ на удар поради слободното новинарство

Бројни предлози и сигнално значење

Неговите членови оваа година имаа тешка задача во изборот на четворицата добитници на наградата. Секој има право да предложи кандидат за признанието, освен членовите на жирито. Оваа година пристигнаа 152 предлози за кандидати од 50 земји.

Со добивањето на наградата, годинешните носители можат да се надеваат на малку поголема лична безбедност. „Поранешните добитници ни раскажуваа дека наградата го спасила нивниот живот“, истакнува Оле фон Јукскул.

Признанието често има сигнално значење, како во случајот со „свиркачот“ Едвард Сноуден во 2014. година. Алтернативната нобелова награда е една од најреномираните во светот и се доделува од 1980. година на луѓе истакнати по својот ангажман на полето на човековите права, сузбивањето на сиромаштијата и екологијата. Кога и каде ќе бидат врачени годинешните признанија не се знае, со оглед што претседателот на шведскиот парламент, не обѕрнувајќи се на протестите на голем број парламентарци, соопшти дека традиционалната сала во парламентарната зграда во Стокхолм не стои на располагање.

dw.com