Турскиот претседател Ердоган испрати нови навреди на сметка на ЕУ, најавувајќи дека по референдумот ќе го преиспита барањето на неговата земја за членство во блокот, пишува Дојче веле.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предупреди дека членството на неговата земја кон ЕУ ќе се врати на агендата по референдумот следната недела, предизвикувајќи нови сомнежи за иднината на тој процес.
Во говор во Измир, Ердоган ја опиша Европа како „болниот човек“, користејќи го описот на европските политичари во 19. век за Отоманската империја.
Тој уште еднаш се закани дека по референдумот на 16 април ќе ја врати смртната казна, со што, автоматски ќе му стави крај на барањето за членство во ЕУ.
„Европа ќе плати за тоа што го стори. Со божја помош, прашањето за ЕУ повторно ќе биде на агендата по 16 април“, рече Ердоган.
Тој оцени дека Турците кои живеат во Европа се „угнетени“ и „понижени“. „Со божја волја нашиот народ ќе им ја наплати сметката“, рече тој.
„Пред еден век тие велеа дека ние сме ‘болниот човек’. Сега тие се ‘болниот човек’. Европа се распаѓа“, порача Ердоган.
Турскиот претседател предизвика жестоки реакции изминативе недели откако во повеќе наврати ги споредуваше Европејците со нацисти поради откажувањето на настапите на неговите министри на митинзите во повеќе европски држави.
Аналитичарите и даваат предност на кампањата на Ердоган со која се бараат поголеми права за претседателот на Турција, но не се убедени дека тој ќе успее да однесе убедлива победа на референдумот.
Заклучно со вчера, можност да гласаат имаа и сите припадници на турската дијаспора во повеќе европски држави, речиси половината од кои живеат во Германија.