По најавата дека СЈО денеска ќе одржи прес-конференција, случајно или не, техничкиот премиер се впушти во остри критики кон оваа институција. Анкетите, пак, и натаму покажуваат огромна доверба на граѓаните во СЈО, пишува Дојче веле.
Стравот во ВМРО-ДПМНЕ од истрагите на СЈО со кои се засегнати нејзини функционери, се претвори во континуирана партиска критика на оваа институција. На завчерашната средба со еврокомесарот Јоханес Хан, од партиското раководсто го опишале СЈО „како политичка испостава на СДСМ и на некои надворешни центри за уцени, притисоци, замолкнување и закана кон политичари, новинари и медиуми“. Случајно или не, веднаш по вчерашната најава дека СЈО денеска ќе одржи прес-конференција, техничкиот премиер Емил Димитриев посвети голем дел од тв-интервју за да го одржи „ладниот синџир“ за дистрибуција на дискредитации насочени кон ова обвинителство. Тој изјави дека најголемото оспорување на кредибилноста на СЈО, дошло од самата институција.
„Досегашното функционирање на оваа институција донесе големо разочарување кај сите граѓани. Можеби дел од нив на почетокот имале позитивни очекувања и симпатии кон оваа институција, но од СЈО сами си ја срушија својата кредибилност“, рече Димитриев.
Највисока доверба во СЈО
Ваквиот став на Димитриев е во целосна спротивност со резултатите од спроведените истражувања на јавното мислење.
„Институција со најголема доверба е Специјално јавно обвинителство, за кое 63 отсто од анкетираните се изјасниле дека ја поддржуваат неговата работа“, покажа ланската анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) со седиште во Вашингтон. Дека ни по осум месеци од тоа истражување не е намален рејтингот на СЈО меѓу граѓаните, покажа и годинашнава анкета на агенцијата „М-проспект“ направена по нарачка на ТВ „Телма“ и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). На прашањето – дали е потребно да се продолжи периодот во кој СЈО може да покренува обвиненија, 62,8 отсто се изјасниле со „да“, а против биле 28 отсто. И додека кај етничките Македонци „за“ биле 56,5 отсто, а 36,1 „против“, меѓу анкетираните Албанци позитивен одговор дале дури 82,7 отсто, додека само 10,6 отсто биле против!
Сличен тренд покажа и мартовската интерна анкета на ТВ „21“ во емисијата „Клик Плус“. Од приближно 1.000 учесници кои одговараа на прашањето што е поважно – декларацијата на албанските партии или СЈО, тимот на Катица Јанева доби околу 750 гласови, а декларацијата 150.
Обвинувања за партизираност
И покрај високата доверба на граѓаните во СЈО како независна институција, техничкиот премиер, исто како и неговата матична партија, вчера го претстави ова обвинителство како партизиран приврзок на СДСМ.
„Јас во една прилика нагласив дека СЈО не смее да се претвори во алатка за борба меѓу политичките партии. И не само што се претвори во алатка, туку стана главен егзекутор на опозицијата кон сите структури што не мислат како неа. Ова мора да престане. Ова не можам да го премолчам како претседател на Владата, која помогна за формирање на оваа институција, за која на годишно ниво одвојуваме 4 милиони евра и со таа финансиска конструкција на некој начин создадовме двојни стандарди и повод одредени институции оправдано да реагираат. И мора да реагираме кога ќе ги надмине рамките на професионалноста и на владеењето на правото“, изјави Димитриев.
Додека Димитриев со ваквите ставови остава простор за толкување – дека ако Владата ги одобрува парите, тогаш би било очекувано владини функционери да бидат изземени од постапките на СЈО, од тимот на Јанева во континуитет ги демантираат наводите за нивна поврзаност со СДСМ.
„Ова обвинителство како независна и професионална институција е формирано со Закон, за кој во Собранието на Република Македонија гласаа вкупно 111 пратеници, вклучително и пратениците од партијата ВМРО-ДПМНЕ“, потсетија од СЈО во реакцијата по таквите обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму укажуваат на суштинските потреби за непречена работа на СЈО, кое не е во еднаква положба со другите јавни обвинителства од аспект на роковите за постапување. Ова беше нотирано и во третиот шестмесечен извештај кој СЈО го објави пред десетина дена. Со член 22 од Законот за СЈО, на ова обвинителство му е определен рок од 18 месеци за понесување на обвинение по определен предмет по кој постапува, а во тој рок е вклучен периодот за формирање на предмети, отворање и спроведување на предистражна постапка, како и отворање и спроведување на истражна постапка и евентуално поднесување на обвинение.
„Роковите во кои е задолжено да постапува ова Јавно обвинителство се далеку пократки од роковите во кои постапуваат останатите јавни обвинителства, пред сѐ од аспект на роковите пропишани со Законот за кривична постапка“, се потенцира во извештајот на СЈО.
Страв од обвиненија
Но, премиерот Димитриев, кој по професија е социолог, веројатно не ги знае овие законски „дребулии“ кога зборува за разни аспекти на владеење на правото. Врз основа на политичко-партиски мотиви, тој потенцираше дека „не постои ниту една оправдана причина да се продолжи мандатот на СЈО, особено имајќи го предвид неговото досегашно работење“.
„Се покренаа обвиненија против поединци, а интенцијата е да се покрене и против цела една партија, односно против ВМРО-ДПМНЕ. Сега имам информации дека се покренуваат обвиненија и кон партии од албанскиот корпус, што на некој начин ќе влијае во прегрупирањето на силите во парламентот и во формирањето на некоја идна влада. Треба да му се овозможи на СЈО да си го одработи своето во предвидениот рок и понатаму процесите да се вратат во нормална правосудна процедура“, рече техничкиот премиер.
Несогласувањето на ВМРО-ДПМНЕ да се продолжи мандатот на СЈО, како што соопштија од ДУИ, е единствената причина поради која партијата на Ахмети не постигна договор за ново коалицирање со партијата на Груевски.
А, заклучно до објавувањето на третиот Извештај, СЈО соопшти дека била анализирана содржината на 272.950 аудио фајлови, односно во обработка биле 45% од вкупниот број на аудио фајлови со кои располага ова обвинителство. Притоа биле изработени 960 транскрипти, каде што врз основа на преслушаните разговори имало индикација дека е сторено кривично дел.