DW: Крвопролевање во Лас Вегас

Сподели

Во напад на музички фестивал во Лас Вегас загинаа најмалку 20 лица, а повеќе од 100 се повредени, од кои дел се во тешка состојба, пренесе Дојче веле.

На концерт во рамките на кантри-музички фестивал во американската туристичка метропола Лас Вегас напаѓач почнал да пука околу себе и притоа убил дваесет, а повредил најмалку 100 лица. Полицијата соопшти дека верува оти нападот го извршил само еден напаѓач, кој во меѓувреме е „исклучен“. не се прецизира дали тој е повреден или убиен. Американските медиуми јавуваат дека напаѓачот е мртов.

Очевидци тврдат дека на концертот, на кој биле присутни околу 30.000 луѓе, се слушнале стотици истрели. Голем број раскрварени луѓе лежеа на земја, изјави за Си-Ен-Ен младо момче кое присуствувало на крвопролевањето. Кери Пирсон, која исто така била присутна на коцертот, за агенцијата ДПА рече: „Ползевме по мртви луѓе.“ Таа слушнала повеќе истрели, најверојатно од автоматско оружје.

Полицијата на Твитер ги повика граѓаните да го избегнуваат местото каде што се одржувал концерот, кое инаку е во близина на казината и на аеродромот. Познатиот булевар во Лас Вегас е затворен, а одредени летови кон градот се пренасочени. Освен тоа, полицијата ги замоли луѓето да не го споделуваат на интернет преносот во живо од нејзината прес-конференција, за да не се доведе во опасност полициската акција која е во тек.

DW